Френсис Форд Копола ја доби Наградата за животно дело на АФИ

Во „Долби театарот“ во Лос Анџелес во саботата, американскиот режисер Френсис Форд Копола беше почестен со овогодишната Награда за животно дело на Американскиот филмски институт (АФИ). Имено, тој го прими одличјето од група филмски ѕвезди – повеќето негови пријатели и соработници.

Морган Фримен, Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Роберт де Ниро, Ал Пачино, Адам Драјвер, Харисон Форд, Дастин Хофман, Рон Хауард, Дајан Лејн, Спајк Ли, Ралф Макио, синот Роман и внука му Џија – сите учествуваа на настанот на АФИ, којшто ја слави својата 50-годишнина. Фримен го отвори настанот, шегувајќи се дека „иако никогаш, ама баш никогаш не бил во филм напишан, режиран или продуциран од Френсис Форд Копола“, тој бил длабоко трогнат од неговите филмови.

– Копола е голем затоа што е независен режисер… Успеа со малку пари да постигне многу, како раскажувач на приказни што чинат, но и изгубиле милиони. Но, вечерва, зае**те ги банкарите и поддржувачите. Ние сме тука да ја славиме уметноста и тука сме да го славиме Френсис Форд Копола!, изјави Фримен.

Роберт де Ниро му оддаде посебна почит на Копола, заблагодарувајќи му се зашто го одбил за првиот филм „Кум“ (1972).

Имено, иако Де Ниро две години подоцна ќе го освои својот прв „Оскар“ за улогата на Вито Корлеоне во „Кум 2“ (1974), неговата аудиција за првиот филм била неуспешна. Де Ниро бил првично во игра за ликот на Сони Корлеоне, којшто на крајот му припадна на Џејмс Кан. Како што покажуваат снимки од аудицијата, Де Ниро го импресионирал Копола, но тоа не било доволно за да ја добие улогата во она што многумина го сметаат за најдобриот филм на сите времиња.

– Френсис, ти благодарам што не ме прифати за „Кум 1“. Тоа беше најдобрата работа што ми се случила. Тоа значеше дека следеше „Кум 2“. Ти ја промени мојата кариера, го промени мојот живот. Сите сме тука поради тебе, рече Де Ниро.

Претходно на сцената говореше и Ал Пачино, кој ја играше улога на Мајкл Корлеоне во трилогијата.

– Работите што те отпуштаат кога си млад, се истите работи што ти носат награда за животно дело години подоцна. Никој од нас не беше отпуштен од филмовите, но некои од нас беа многу блиску до тоа. Јас бев најблиску. Френсис продолжи да се бори за нас, за својот филм и за својата визија, но тоа можеше да го чини неговата кариера, рече Пачино.

И тој му се заблагодари на Копола што веруваше во него и му даде можност да биде дел од „Кум“. Филмската трилогија освои вкупно 9 „Оскари”, вклучувајќи и два за најдобар филм, потоа – глума и режија итн. Копола ја доби престижната статуетка и за сценариото за „Патон“ од 1970., како и наградата „Ирвинг Талберг“ од 2011 година.  

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни