Фреди Меркјури имал тајна ќерка

Книгата „Love, Freddie“ тврди дека детето било зачнато случајно, за време на афера со сопругата на близок пријател во 1976 година.

Фреди Меркјури имал тајна ќерка со која одржувал блиска врска сè до неговата смрт во 1991 година, пишува во новата биографија за фронтменот на Queen.

Книгата „Love, Freddie“ тврди дека детето било зачнато случајно, за време на афера со сопругата на близок пријател во 1976 година.

Се вели дека Меркјури редовно ја посетувал својата ќерка и ѝ подарил 17 тома со детални лични дневници, кои таа ги чувала како тајна.

Жената позната само како Б – која има 48 години и работи како медицински професионалец во Европа – ја споделила содржината со рок биографката Лесли-Ан Џоунс за книгата.

Во книгата, објавена во Daily Mail, има рачно напишано писмо од ќерката на Меркјури, која сака нејзиниот идентитет да остане тајна, во кое пишува:

„Фреди Меркјури беше и е мојот татко.
Имавме многу блиска и љубовна врска од моментот кога се родив, па сè до последните 15 години од неговиот живот.
Тој ме обожаваше и беше посветен на мене.
Околностите на моето раѓање можеби изгледаат, според стандардите на повеќето луѓе, необични и дури скандалозни.
Но тоа не треба да изненади никого. Тоа никогаш не го одврати од неговата љубов и грижа кон мене. Ме ценеше како најдрагоцено богатство.“

Се верува дека за нејзиното постоење знаеле само најблиските од кругот на Меркјури.

Пејачот започнал да ги пишува дневниците на 20 јуни 1976 година, кога првпат дознал за бременоста, два дена по издавањето на синглот „You’re My Best Friend“ од албумот A Night at the Opera (1975).

Во нив ја опишува и неговата младост во Занзибар, каде што е роден како Фарок Булсара, од парси-индијски родители, на 5 септември 1946 година, и школувањето во британски интернат во Индија.

Дневниците опфаќаат и како семејството било принудено да избега од Занзибар за време на револуцијата во 1964 година, пред да се насели во Мидлсекс, северозападен Лондон.

Неговата последна белешка ја напишал на 31 јули 1991 година, додека неговото здравје се влошувало. Меркјури почина на 45-годишна возраст од бронхијална пневмонија предизвикана од сида.

Во друго писмо вклучено во книгата, Б ги објаснува причините за објавувањето на дневниците по 30 години:

„По повеќе од три децении лаги, шпекулации и изобличувања, време е да му се даде глас на Фреди.
Тие што знаеле за моето постоење, ја чуваа неговата најголема тајна од лојалност.
Тоа што решив да се откријам на средината од мојот живот е моја одлука и само моја. Во ниту еден момент не сум била принудена да го направам тоа.
Тој ми ја довери својата колекција од приватни тетратки – мене, неговото единствено дете и законски наследник – пишани сведоштва за неговите мисли, сеќавања и чувства за сè што доживеал.“

Џоунс изјави дека првпат била контактирана од Б пред три години. За Daily Mail рече:

„Инстинктот ми беше да се посомневам во сè, но апсолутно сум сигурна дека таа не е фантазер.
Никој не би можел да го лажира сето ова. Зошто би работела со мене три и пол години, без да побара ништо?“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни