Фреди Меркјури не беше само фронтмен на Queen, ниту само еден од најголемите вокали во историјата на рокот. Тој беше необјаснива појава – човек чиј глас можеше да мине од шепот во експлозија, чиј настап можеше да го претвори целиот свет во публика, и чија уметност сè уште трае како жива, несопирлива енергија.
Роден во Занзибар како Фарух Булсара, а израснат во Лондон, Фреди постојано живеел на раскрсници: културни, идентитетски, емоционални. Од таа мешавина произлезе уметник кој не се држеше до правила – затоа што немаше правила што можеа да го задржат.
Во музиката, тој беше глас кој можеше да гради театар, драма и чиста човечка кршливост во исто време. „Bohemian Rhapsody“ не е само песна, туку негов манифест. „Somebody to Love“ е длабок, искрен повик за блискост. „Don’t Stop Me Now“ е експлозија на слобода. „The Show Must Go On“ неговото конечно обраќање до обожавателите, последна порака на човекот кој живееше за својата публика.
Настапот на Queen на Live Aid во 1985 година остана запаметен како најсилниот рок-перформанс било кога. Во тие дваесетина минути, Фреди заедно со другарите од Queen ја преземаа контролата над стадионот и над светот – не со сила, туку со чиста харизма и легендарна изведба.
Фреди Меркјури го создаде најпрепознатливиот вокален ритуал во историјата на рокот – мистична размена меѓу фронтмен и публика што изгледаше како некоја форма на живо диригирање. Со едноставни гласовни фрази, кои ги импровизираше на лице место, тој ја претвораше масата од десетици илјади луѓе во хор што совршено го следи секој негов звук. Во моменти како Live Aid 1985, оваа игра стана симбол на неговата моќ: публиката не само што го повторуваше Фриди, туку звучеше како да е продолжение на неговиот глас. „Е-е-о“ не беше трик – беше најчист доказ дека Меркјури владееше со сцената со истата прецизност со која оперски диригент ја води својата филхармонија.
Но неговиот живот беше и приказна за болка, тишина и соочување. Во време кога дијагнозата ХИВ носеше огромна стигма, Меркјури избра да се повлече во тишина, а неговата последна година ја помина создавајќи музика која денес звучи како проштално писмо, но и како победа над стравот. Почина на 24 ноември 1991 година, еден ден откако јавно призна дека боледува.
За многумина, Фреди денес е симбол на слобода – слобода да бидеш поголем од животот, но и доволно човечки за да признаеш дека болиш. Токму затоа, неговото наследство е далеку поголемо од албумите и настапите. Тој им остави на генерациите формула за уметност што не се плаши од вистината и, во крајна линија, не се плаши да ужива во животот и сѐ што тој носи.
По триесет и четири години од неговата смрт, неговиот глас и натаму звучи како нешто што не може да биде повторено, целиот негов опус е неповторлив и го прави Фреди еден од ликовите кои ја дефинираа пупуларната култура на дваесеттиот век.
