На 28 февруари 2026 година (сабота) со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб „Пјур“ во Градски парк во Скопје ќе настапи „Фред Весли трио“, предводено од американскиот тромбонист Фред Весли.
Скопје ќе биде домаќин на музичар со повеќедецениско искуство на светската сцена. Фред Весли има повеќе од шест децении активно музичко творештво и е познат по својата работа како музички директор на Џејмс Браун, како и по соработката со „Парламент-Фанкаделик“ на Џорџ Клинтон.
Во текот на кариерата соработувал и со Реј Чарлс, Каунт Бејзи, Ван Морисон и Камео. Неговото име се поврзува со повеќе фанк композиции, меѓу кои „House Party“, „Blow Your Head“, „Same Beat“ и „Damn Right I Am Somebody“.
Со „Фред Весли трио“, тој продолжува да настапува и да го изведува репертоарот од класичниот фанк и џез, а паралелно ги предводи и The New JBs.
Организаторите најавуваат вечер посветена на фанк звукот, со настап што ќе ја опфати неговата долгогодишна музичка кариера.
Картите за концертот се достапни преку платформите karti.com.mk и mktickets.mk.