,,Франс прес” за протестите во Македонија и Србија: Младите на Балканот во бунт против корупцијата!

На улиците на Белград и Скопје, младите масовно се организираат против корупцијата, носејќи транспаренти со пораката „Корупцијата убива“. Поттикнати од серија трагични настани, студентите го кренаа својот глас против корумпираните системи, пишува агенцијата „Франс прес“ во написот „Младите се будат на Балканот“.

Првите протести во Србија започнаа во ноември 2022 година, откако во Нови Сад се урна настрешница на новообновената железничка станица, при што загинаа 16 лица. Јавноста брзо ја поврза оваа катастрофа со корупцијата, со оглед на високите трошоци и нетранспарентните договори околу реконструкцијата.


Во Србија, симболот на протестите стана црвената рака од крв, која масовно се појави на транспаренти, беџови и ѕидови низ земјата. Овој знак ја одразуваше револтираната јавност и беше клучен дел од најголемите демонстрации во Србија од 1990-тите години, во кои студентите ја презедоа водечката улога.

Во март годинава, истиот симбол се појави и во Македонија, по страшниот пожар во дискотека во Кочани, каде што животот го загубија 59 лица. Протестите што следуваа се насочени против злоупотребите при издавањето дозволи за работа, употребата на нелиценцирани пиротехнички средства и пренатрупаноста во клубот, која ја надминувала дозволената граница.

Софија Тодоровиќ, директорка на српскиот огранок на Младинската иницијатива за човекови права, во изјава за „Франс прес“ изрази гордост за младите кои ја презедоа водечката улога во протестите. Таа нагласи дека оваа генерација, која многумина ја сметале за незаинтересирана и посветена на технологијата, покажа свесност и решителност да се спротивстави на неправдата.

Александар Попов, претседател на Центарот за регионализам, смета дека српските студенти станаа инспирација за останатите млади во регионот, кои со години се соочуваат со високо ниво на корупција и нејзините фатални последици.

Агенцијата „Франс прес“ потсетува дека Србија е на 105-то место од 180 земји според индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнел“, додека Северна Македонија се наоѓа на 88-то место на истата листа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни