Францускиот премиер Себастиен Лекорни денеска ја одложи контроверзната пензиска реформа од 2023 година сè до претседателските избори, попуштајќи под притисокот на левичарските пратеници кои бараа таков чекор како услов за поддршка на неговиот политички опстанок.
Лекорни, кој се соочува со тешка борба да преживее најмалку две гласања за доверба подоцна оваа недела, го објави ова за време на неговото обраќање во парламентот како дел од последниот обид да создаде услови за донесување на намалениот буџет за 2026 година.
Одлуката на Лекорни претставува признавање од страна на францускиот претседател Емануел Макрон дека одложувањето на пензиската реформа е единствениот начин да се обезбеди опстанокот на Лекорни, негов шести премиер за помалку од две години.
Се планира зголемување на старосната граница за пензионирање
„Ќе му предложам на парламентот, веќе оваа есен, суспензија на пензиската реформа од 2023 година сè до претседателските избори“, изјави Лекорни пред пратениците.
„Од сега па до јануари 2028 година нема да има зголемување на возраста за пензионирање“, додаде тој.
Со пензиската реформа во Франција се планираше зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
Францускиот премиер се обидува да го протурка буџетот што би требало да го намали државниот дефицит и да придонесе за решавање на наталожениот јавен долг.