Францускиот премиер Франсоа Бајру го загуби гласањето за доверба што самиот го побара за неговата влада.
Француското Национално собрание гласаше за негово разрешување со 364 гласа „за“, 194 „против“, со што беше соборена неговата малцинска влада.
Бајру сега мора да ја поднесе својата оставка до претседателот Емануел Макрон, а според француските медиуми, тој тоа ќе го стори утре наутро.
Макрон има неколку опции – и ниту една од нив не е особено привлечна, пишува Би-Би-Си.
Тој може да назначи нов премиер, но нема да биде лесно да се најде кандидат кој нема веднаш да биде одбиен од една од најголемите парламентарни фракции. Минатата година тој процес траеше неколку недели. До назначувањето на наследникот, Бајру најверојатно ќе остане на функцијата технички премиер.
Макрон може да распише и нови парламентарни избори. Ова би ја променило сегашната рамнотежа на силите, но може да резултира со уште поубедлива победа на крајнодесничарскиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен.
Друга опција е да се распишат претседателски избори на кои Макрон не би можел да биде кандидат бидејќи вториот мандат му завршува во 2027. Некои пратенички групи го повикуваат да се одлучи за тој потег, но тој неколку пати повтори дека нема да поднесе оставка.