Францускиот премиер Франсоа Бајру повика на гласање за доверба на 8 септември, во обид да добие поддршка во Националното собрание за буџетски кратења од 43,8 милијарди евра, со што ризикува нов пад на владата доколку опозициските партии ги исполнат заканите дека ќе гласаат против него.
Бајру го најави гласањето за доверба во понеделникот, велејќи дека тоа ќе покаже дали другите партии се навистина подготвени да го поддржат неговиот план за намалување на националниот дефицит.
Три опозициски партии веќе изјавија дека нема да го поддржат: крајната десница (Национален фронт), Зелените и Социјалистичката партија. Доколку ги загуби нивните гласови, малцинската влада на Бајру ќе падне.
Премиерот го призна ризикот од барањето доверба, но нагласи дека е неопходно да се донесе „разјаснување“ во време на „колебање и турбуленции“ во земјата.
„Се соочуваме со непосредна опасност што мора да ја решиме… инаку немаме иднина“, изјави Бајру.
Според него, долгот е прашање на „суверенитет“ и „независност“.
Што вклучуваат буџетските кратења?
Предлогот предвидува: намалување на бројот на вработени во јавниот сектор, „солидарен придонес“ за најбогатите, реформи на пензискиот систем, можност за укинување на два државни празника, меѓу кои: Велигденски понеделник и 8 мај – Денот на победата над нацизмот во Европа (VE Day)
Предлогот за укинување на 8 мај како празник наиде на критики, бидејќи се смета за симболичен ден кој го одбележува крајот на Втората светска војна во Европа.
Бајру го бранеше својот план со аргумент дека мерките ќе ја зголемат продуктивноста без зголемување на даноците или ДДВ.
„Да се расправаме само за мерките значи да се игнорира потребата од севкупен план“, изјави тој, додавајќи дека сите точки се „подложни на измени и дебата“.
Политичка нестабилност и нови протести
Бајру го наследи поранешниот премиер Мишел Барние, кој ја изгуби довербата и поднесе оставка во декември минатата година, по само три месеци на функцијата.
Гласањето за доверба ќе се одржи само два дена пред најавени масовни протести, организирани претежно од левичарски групи и синдикати.
Протестите веќе се споредуваат со движењето на „жолтите елеци“ од 2018 година, кое започна како реакција на поскапувањето на горивото и животните трошоци, а потоа прерасна во општ отпор против економските реформи.