Законот прецизира дека согласноста мора да биде „информирана, конкретна, дадена однапред и може да се повлече“, како и дека „не може да се подразбира само од молкот или од отсуството на реакција на жртвата“.
Досега, францускиот кривичен закон силувањето го дефинираше како сексуален чин извршен со „насилство, присила, закана или изненадување“, без да се спомене согласноста. Новата формулација сепак ја задржува и старата дефиниција и дополнително вклучува усни и анални акти на пенетрација кои досега не беа експлицитно наведени во законот, иако беа признаени во судската пракса.
Законот беше изгласан со огромно мнозинство — Националното собрание го усвои минатата недела, а Сенатот во средата гласаше 327-0 во корист на предлогот, со 15 воздржани. Единствено пратениците од крајната десница гласаа против.
„Кога е ‘не’, тоа е ‘не’. Кога не е ‘не’, тоа не значи ‘да’. А кога е ‘да’, мора да биде вистинско ‘да’. Попуштањето повеќе никогаш нема да се смета за согласност,“ изјави пратеничката од Зелените Мари-Шарлот Гарен, една од иницијаторите на измената.
Промената беше поттикната од шокантниот случај на Жизел Пелико, која речиси една деценија била дрогирана и силувана од својот сопруг Доминик Пелико и педесетина мажи што тој ги поканувал во нивниот дом преку интернет. Сите обвинети беа осудени, а нивните тврдења дека „мислеле дека учествуваат во игра“ ја разоткрија правната сивина во постојната дефиниција за силување.
Правната експертка Катрин Ле Магерес смета дека новиот закон ќе помогне младите луѓе подобро да ја разберат „взаемноста на желбата“. Но, дел од феминистичките организации предупредија дека фокусот на согласноста може повторно да го префрли товарот на докажување врз жртвата.
„Согласноста не треба да биде централното прашање — тоа повторно го става акцентот на жртвата, а не на сторителот,“ рече Ен-Сесил Мајфер од Фондацијата на жените, повикувајќи на сеопфатен закон за борба против сексуалното насилство и подобра заштита на жртвите.
Адвокатот на Пелико, Антоан Камис, пак, изрази скепса дека измената ќе го олесни доказниот процес, предупредувајќи дека прашањето „што точно значи согласност“ може да создаде нови правни недоумици.
Сепак, според повеќето француски политичари и правници, ова е историски чекор кон усогласување на француското законодавство со европските стандарди и јасна порака дека секој сексуален чин без согласност е кривично дело.
Извор: The Guardian