Парламентот на Франција денеска ја суспендираше непопуларната реформа на пензискиот систем од 2023 година, проект на вториот мандат на претседателот Емануел Макрон.
Одлуката е донесена со 255 гласови „за“ и 146 „против“, со поддршка од социјалистите, Зелените и ултрадесничарската партија Национален собир. „Воздржани“ беа пратениците од коалициската партија на Макрон – Ренесанса, додека „против“ беа пратениците од радикалната партија Непокорена Франција и комунистите.
Усвоениот закон го суспендира постепеното зголемување на возраста за пензионирање на 64 години до јануари 2028 година, како и планираното зголемување на задолжителниот минимален број месечни пензиски придонеси.
Во пракса, генерацијата родена во 1964 година би се пензионирала на 62 години и 9 месеци (како претходната генерација) наместо на 63, што беше предвидено со реформата. Тие би се пензионирале со најмалку 170 месечни придонеси наместо 171.
