Францускиот министер за правда Дарманен ќе го посети Саркози во затвор

Министерот за правда Жералд Дарманен најави посета на Никола Саркози во затворот Ла Сантe. Иако бил негов поранешен соработник, тврди дека не зазема страна. Саркози е осуден за незаконско финансирање на кампањата во 2007 година.

Францускиот министер за правда, Жералд Дарманен, денеска најави дека ќе го посети поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, во затвор, нагласувајќи дека тоа не значи дека зазема страна или дека го брани.

„Знаете што? Ќе го посетам во затвор како министер за правда“, изјави Дарманен, потсетувајќи дека бил негов соработник и дека не е рамнодушен на тешкотиите низ кои поранешниот претседател моментално поминува, пренесе францускиот Фигаро.

Министерот додаде дека лично ќе се интересира за безбедносните услови при посетата.

„Министерот за правда може да посети кој било затвор и кој било затвореник кога и да посака, затоа што мора да гарантира правилно функционирање на јавната служба. Тоа не е ништо невообичаено“, нагласи тој.

Дарманен подвлече дека притворот на поранешниот претседател е „нешто исклучително, во буквална смисла на зборот“ и дека ќе се погрижи да бидат обезбедени сите мерки на безбедност за Саркози.

Исто така потсети дека поранешниот претседател „се смета за невин“ сè додека жалбата што ја поднел не биде одбиена.

Сепак, министерот истакна дека оваа посета не значи дека го поддржува Саркози или дека ги споделува неговите ставови.

„Не се согласувам секогаш со Никола Саркози“, рече Дарманен, потсетувајќи дека јавно ги повикал судиите кои беа изложени на закани по осудата на Саркози, изразувајќи им поддршка.

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе започне со издржување на затворската казна во вторник, во парискиот затвор Ла Сантe.

Саркози ќе биде сместен во изолациско одделение, објави BFMTV, повикувајќи се на извори блиски до затворот.

Тој беше осуден во септември за криминален заговор поврзан со финансирањето на неговата претседателска кампања во 2007 година со средства од Либија, во замена за дипломатски услуги за тогашниот либиски лидер Моамер ел Гадафи.

Иако Саркози поднесе жалба на пресудата, налогот за затвор веднаш стапи на сила, а жалбената постапка ќе продолжи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни