Француската воена морнарица пресретна руски танкер во Средоземното Море

Француската воена морнарица во координирана акција со сојузници пресретна руски нафтен танкер осомничен дека е дел од „флотата во сенка“, кој наводно пловел под лажна знаме.

Француската воена морнарица денес во Средоземното Море пресретна руски нафтен танкер за кој постои сомневање дека е дел од таканаречената „флота во сенка“. Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека бродот е под меѓународни санкции и дека наводно пловел под лажна знаме.

Операцијата била спроведена со поддршка на повеќе сојузници, при што клучна улога имало Обединетото Кралство, кое обезбедило и споделило разузнавачки информации. Макрон нагласи дека акцијата е изведена целосно во согласност со Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето и претставува јасен сигнал за решителноста на Франција во спроведувањето на меѓународното право и санкциите.

Пресретнување меѓу Шпанија и Северна Африка

Поморскиот префект за Средоземјето објасни дека пресретнувањето се случило на отворено море, меѓу Шпанија и Северна Африка. Таму бил запрен танкерот „Гринч“, кој испловил од Мурманск, арктичко пристаниште во Баренцовото Море.

Целта на операцијата била проверка на националноста на бродот, а по прегледот на документацијата биле потврдени сомнежите за автентичноста на знамето под кое пловел. Поради тоа, танкерот бил пренасочен од својата планирана рута, а случајот бил пријавен до државното обвинителство во Марсеј, кое отворило правосудна истрага.

Во моментов, бродот е под придружба на француската воена морнарица кон пристаниште, каде што ќе бидат извршени дополнителни проверки.

Под различни имиња на листите за санкции

Според достапните информации, танкерот „Гринч“ под тоа име се наоѓа на листата на руски бродови од „флотата во сенка“ санкционирани од Обединетото Кралство. На листите на Европската унија и на Соединетите Американски Држави, пак, истиот брод е регистриран под името „Карл“.

Во моментот на пресретнувањето, според податоците од платформата MarineTraffic, танкерот пловел кон исток, меѓу Алмерија и Оран, истакнувајќи знаме на Коморските Острови.

Објавени фотографии од операцијата

Макрон изјави дека „активностите на руската ‘флота во сенка’ директно придонесуваат за финансирање на војната против Украина“. Пресретнувањето доаѓа во чувствителен политички момент, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски во својот говор во Давос истакна дека руските танкери и натаму релативно непречено пловат низ европските води.

Францускиот Генералштаб објави и фотографии од самата операција, наведувајќи дека станува збор за акција против брод под руски санкции, спроведена во тесна соработка со сојузниците и целосно во согласност со меѓународното поморско право.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни