Француската амбасада со остра реакција за нападот врз Арсовска

Амбасадата на Франција во Скопје остро го осудува физичкиот и вербалниот напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Во своето соопштение, Амбасадата порача дека насилството врз демократски избрани претставници е целосно неприфатливо.

„Амбасадата на Франција најостро го осудува овој чин на физичко насилство, како и вербалните напади денес упатени кон градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска,“ се наведува во реакцијата. Додаваат дека почитувањето на другиот и на претставниците на народот е суштинска демократска вредност.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во петокот напладне била физички нападната при извршување на работни задачи во Чаир. Таа изјави дека додека била на лице место, била физички нападната, удирана со клоци, а биле упатени и закани кон неа и нејзиното семејство.

„Едно од лицата, кое претпоставувам дека е засегнато од градбата, почна прво со вербални навреди, по што физички ме нападна. На лице место имаше припадници на МВР, кои го поместија напаѓачот, но тој продолжи да се заканува“, изјави Арсовска.

Од Град Скопје велат дека станува збор за објект каде што и покрај претходно преземени мерки, продолжила бесправната градба.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека по извршената безбедносна проценка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), донесена е одлука за 24-часовно полициско обезбедување на градоначалничката. Во текот на денешниот ден, таа ќе биде координирана од надлежните служби за натамошна лична заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни