Француската Академија за медицина повикува на вакцинација против коронавирусот

Француската академија за медицина денеска упати апел до населението да се вакцинира против коронавирусот, предупредувајќи дека бројот на вакцинирани лица сè уште е недоволен и дека постои реална можност за нов бран епидемија во текот на летото.

Академијата алармираше за појава на нова подваријанта на вирусот – NB.1.8.1, која произлегла од веќе добро познатата омикрон варијанта, доминантна во изминативе неколку години.

Оваа нова мутација, за која се претпоставува дека полесно се пренесува, веќе предизвика значителен епидемиски пораст во делови од Азија, вклучувајќи ги Хонг Конг, Тајван и Сингапур.

Според Академијата, присуството на оваа подваријанта расте и во Северна Америка, како и во неколку европски земји, што укажува дека може да стане доминантна во следниот период. Особено загрижувачки е фактот што NB.1.8.1 предизвикува потешки форми на болеста, според досегашните набљудувања.

Потсетување: Пандемијата на коронавирусот однесе милиони животи ширум светот. Само во Франција, според податоците на Јавното здравство, починале 168.000 луѓе во периодот од 2020 до септември 2023 година, кога Светската здравствена организација го прогласи крајот на глобалната здравствена вонредна состојба.

Апелот за вакцинација доаѓа во клучен момент – заштитата со вакцина, посебно за постарите лица и ранливите категории, останува најефективниот начин за превенција од сериозни компликации предизвикани од новите соеви на вирусот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни