Извештај од францускиот парламент за TikTok денес препорача забрана за користење на социјални мрежи за деца под 15 години, како и воведување „дигитален полициски час“ за млади на возраст од 15 до 18 години, во обид да се спречат негативните влијанија врз нивното ментално здравје.
„Таквата забрана би испратила јасна порака до децата и родителите дека социјалните мрежи не се безопасни за младите под 15 години“, изјави за AFP пратеничката Лор Милер, известувачка на парламентарната комисија.
Комисијата, основана во март, разговарала со семејства на жртви, менаџери на социјални мрежи и инфлуенсери за да го анализира алгоритмот на TikTok — апликација со голема популарност кај младите, чиј модел го копираат и други платформи.
Таа беше формирана откако седум семејства поднесоа тужба против TikTok во Франција во 2024 година, обвинувајќи ја мрежата дека изложува деца на содржини што можат да поттикнат самоубиство.
Една од мајките, која сакаше да остане анонимна, го загубила своето 18-годишно дете Пенелопа во февруари 2024. По трагичниот настан, открила дека ќерка ѝ гледала и објавувала видеа за самоповредување на TikTok.
TikTok тврди дека заштитата на младите е нивен приоритет, и дека 98% од содржините кои ги кршат правилата биле отстранети преку систем базиран на вештачка интелигенција.
Сепак, според комисијата, штетните содржини и понатаму се шират, со негативни ефекти како: намалено внимание, нарушен сон и проблеми со самодовербата.
Во однос на младите од 15 до 18 години, комисијата предлага воведување на „дигитален полициски час“, според кој социјалните мрежи би биле недостапни помеѓу 22:00 и 08:00 часот.
Дополнително, доколку платформите не ги исполнат законските обврски (особено оние од европската Регулатива за дигитални услуги – DSA) во рок од 3 години, може да следи целосна забрана за малолетници под 18 години.
Неколку земји од ЕУ, меѓу кои Франција, Шпанија и Грција, веќе го повикаа Брисел да воведе построга регулација за заштита на децата на интернет.