Франција во политички ќор-сокак по оставката на премиерот Лекорну

Франција во криза по оставката на премиерот Лекорну. Макрон под притисок – нов премиер, избори или институционален ќор-сокак?
epa12426701 French Prime Minister Sebastien Lecornu delivers a statement at the Hotel Matignon in Paris, France, 03 October 2025, ahead of consultations with political parties before the announcement of the new government. EPA/ALAIN JOCARD / POOL MAXPPP OUT

Франција се соочува со нова фаза на политичка нестабилност по ненадејната оставка на премиерот Себастиен Лекорну, кој се повлече само неколку дена откако ја презеде функцијата – со што стана премиер со најкраток мандат во модерната историја на земјата.

Оставката доаѓа во момент кога Франција се наоѓа во длабока институционална и економска криза, со буџетски дефицит од речиси 6% од БДП – двојно повеќе од дозволеното според правилата на ЕУ. Истовремено, долгот е меѓу највисоките во еврозоната.

Лекорну, кој беше петтиот премиер на Макрон од 2022 година, ја напушти функцијата откако сфати дека не може да добие поддршка во поделеното Национално собрание. Иако формално останува како технички премиер за да го води процесот на „последни преговори“, тој веќе јасно стави до знаење дека нема намера да се врати на функцијата, дури и ако преговорите бидат успешни.

Ова ја остава топката во рацете на претседателот Емануел Макрон, кој има неколку, но сите ризични опции.

Четири можни насоки за Франција

Првата и најверојатна опција е именување нов премиер. Но, досегашното искуство покажа дека секој обид за формирање влада без стабилно парламентарно мнозинство е однапред осуден на неуспех.

Втората опција е распуштање на парламентот и распишување нови избори. Тоа е уставно можно, но и ризично. Последните вонредни избори во 2024 година доведоа до сегашниот политички застој. Нови избори може да ја зајакнат ултрадесничарската партија Национално обединување (RN), која сега води во анкетите со околу 34% поддршка.

Третата опција – оставка на самиот Макрон – е тешко остварлива. Иако некои левичарски партии го бараат тоа, Макрон јасно стави до знаење дека ќе го доврши мандатот до 2027 година.

Најневеројатната опција е импичмент, постапка што никогаш досега не успеала во Франција и бара големо политичко усогласување кое во моментов е невозможено.

Буџетот во сенка на кризата

Додека трае институционалната парализа, Франција е без функционална влада и не може да го усвои буџетот за 2026 година. Рокот за поднесување буџетски предлог во парламентот е 13 октомври, но со актуелната состојба тој е невозможен за исполнување.

Можен излез е усвојување на „специјален закон“ што би го продолжил буџетот од претходната година – привремена мерка што веќе еднаш беше применета во 2025 година.

Опозицијата го зголемува притисокот

Во меѓувреме, лидерите на десницата и ултрадесницата, Марин Ле Пен и Жордан Бардела, побараа нови избори, тврдејќи дека Макрон ја загубил легитимноста. „Фарсата мора да заврши“, порача Ле Пен, додека Бардела рече: „Спремни сме да владееме“.

Франција, сега без јасна насока, се движи кон зима полна со неизвесност и можно повторно политичко престројување што може да ја промени иднината на земјата до 2027 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни