Франција подготвува данок од 2 евра за „брза мода“ – ќе ги погоди Шеин и Тему

Француското Национално собрание оваа недела ќе расправа за воведување на нов данок од 2 евра на увоз на евтина облека, кој би стапил во сила во текот на 2026 година, со цел да се одговори на растечкиот прилив на производи од платформи како Shein и Temu.

Предлогот доаѓа во момент кога Европската унија се уште ја одложува сопствената верзија на ваков данок, кој според сегашните планови би започнал дури во 2028 година.

Мерката има за цел да го ограничи увозот на нискоквалитетни и краткотрајни производи што ја поткопуваат европската текстилна индустрија и создаваат огромни количини отпад.
Според проценките на Европската комисија, само во 2024 година на пазарот на ЕУ влегле околу 4,6 милијарди пратки со вредност под 150 евра, што претставува околу 12 милиони пакети дневно, најголем дел од Кина.

Во извештајот се наведува дека таквите производи често не ги исполнуваат европските стандарди, содржат фалсификувани артикли и имаат негативен еколошки отпечаток.

Француските пратеници разгледуваат можност подоцна да воведат и дополнителна еколошка такса од 5 евра по пратка, која би можела да се зголеми на 10 евра до 2030 година.

Иако за пратки со вредност под 150 евра не се плаќаат царински давачки, на нив се применува ДДВ, а новиот данок би бил административна такса за секој мал пакет што влегува во земјата.

Француската влада проценува дека со оваа мерка би можеле да се приберат околу 500 милиони евра до крајот на следната година.

Законот веќе ја помина првата фаза во Сенатот и сега чека финално одобрување во парламентот, кое би можело да се одржи идниот понеделник.

Министерката за буџет Амели де Моншален изјави дека мерката претставува предвремена подготовка за европската царинска реформа во 2028 година, нагласувајќи дека не се однесува на потрошувачите, туку на компаниите кои профитираат без да ги сносат реалните трошоци.

„Ова не е данок на граѓаните, туку начин оние што профитираат од системот без да преземат одговорност да го платат својот праведен дел,“ рече де Моншален.

Ако законот биде усвоен, Франција ќе стане првата земја во ЕУ што воведува национален данок за брзата мода, поставувајќи пример за можните европски регулативи што ќе следат во следните години.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни