Предлог-законот за забрана на користење на социјалните мрежи за лица помлади од 15 години е „подготвен“ за парламентарна расправа, која се очекува да започне „на почетокот на 2026 година“, изјави француската министерка задолжена за дигитални прашања и вештачка интелигенција, Ан Ле Енанф.
Како што пренесува весникот „Паризиен“, разгледувањето на законот, за кое претседателот на Франција Емануел Макрон се надева дека ќе се случи „што е можно побрзо“, сепак би можело да биде одложено за „неколку недели“ поради продолжувањето на дебатите за државниот буџет.
Забраната за користење на социјалните мрежи за деца под 15 години ќе биде проследена и со забрана за употреба на мобилни телефони во средните училишта – мерка која ја поддржува претседателот Макрон и која е вклучена во истиот предлог-закон.
Министерката нагласи дека се залага за „краток и јасен законски текст кој ќе биде усогласен со европското право, со цел да не биде одбиен на ниво на Европската унија“.
Претходниот закон, со кој беше воведено таканаречено „дигитално полнолетство“ на 15 години, усвоен во јули 2023 година, не можеше да биде спроведен токму поради блокада од европските институции.
„Ова е итно прашање. Станува збор за менталното здравје, за јавното здравје“, изјави Ан Ле Енанф, изразувајќи надеж дека законот ќе биде усвоен во првата половина на 2026 година.