Франција денес одбележува десетгодишнина од терористичките напади во Париз во 2015 година, кога припадници на Исламска држава убиле 130 луѓе во напади на кафулиња, ресторани и концертната сала Батаклан.
Нападите на 13 ноември се оценети како најсмртоносни во Франција од Втората светска војна, пренесе Ројтерс.
Нападот започнал со експлозии на самоубиствени напаѓачи пред стадионот „Стад де Франс“, каде тогашниот претседател Франсоа Оланд и германскиот министер за надворешни работи ја следеле фудбалската натпревар. Наоружаните напаѓачи потоа отвориле оган на пет други локации во центарот на Париз.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денес, почнувајќи од 11:30 часот, заедно со официјални лица, преживеаните и семејствата на жртвите, ќе оддаде почит на загинатите и повредените.
Комеморацијата ќе започне пред стадионот и ќе продолжи на местата на нападите, вклучувајќи ги рестораните, кафулињата и концертната сала Батаклан. Потпретседателката на здружението на жртви, која и самата преживеала напад во Батаклан, Катрин Бертран, рече дека тоа вече „засекогаш ќе остане запаметено“.
„Сите сме длабоко трауматизирани, но животот мора да продолжи“, рече таа, истакнувајќи дека во Батаклан повторно се одржуваат концерти и луѓето повторно ги посетуваат местата на нападите.
Десет години подоцна, безбедносните служби наведуваат дека заканата од слични масовни напади е намалена, бидејќи џихадистичките групи како Исламска држава веќе немаат капацитет за координирани напади во Франција.
Сепак, онлајн пропагандата на екстремистите сè уште претставува ризик, бидејќи може да влијае врз младите преку социјалните мрежи, истакнуваат експертите.
Обвинителите за борба против тероризам оваа недела покренаа истрага против поранешниот партнер на единствениот преживеан сторител на нападите од ноември 2015 година.
