Себастиен Лекорни, кого францускиот претседател Емануел Макрон повторно го именуваше за премиер во петокот, изјави денес дека сака „да стави крај на политичката криза која ги вознемири Французите“.
Веднаш откако Елисејската палата ја објави одлуката на Макрон, Лекорни на својата сметка на социјалната мрежа X (поранешен Twitter) напиша дека ја прифаќа доверената мисија од чувство на должност, пренесе BFM TV.
При денешната посета на градчето Л’Ај-ле-Роз, Лекорни изјави дека е можно да се стопира реформата на пензискиот систем, со цел да се избегне конфронтација со Социјалистичката партија.
Лекорни: „Сите разговори се можни – но мора да бидат реалистични“
Тој нагласи дека се можни секакви разговори, се додека се реални, додавајќи дека идната влада ќе мора да демонстрира разновидни вештини и посветеност на обнова.
Во однос на политичките амбиции, Лекорни потенцираше дека идните министри ќе мора да се обврзат дека нема да се кандидираат за претседателските избори во 2027 година, затоа што владата мора да биде слободна и независна од интересите на политичките партии.