Лидерите на т.н. „Коалиција на подготвените“ – група од европски држави, Турција, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Јапонија – одржаа виртуелна средба за да го разгледаат американскиот дипломатски напор за постигнување мировен договор. Иако оригиналниот 28-точков план, тајно подготвен од американски и руски претставници, предвидуваше целосно исклучување на НАТО-присуство во Украина, Париз и Лондон остануваат решени: физичката присутност на западни сили е, според нив, неопходна за да се спречат идни руски агресии.
„Постои вистинска шанса да се постигне добар мир, но таков мир е невозможен без силни, непоколебливи безбедносни гаранции“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, додавајќи дека Украина веќе била изневерена со празни ветувања во минатото.
Макрон објасни дека предложената „сила за уверување“ би била распоредена во клучни региони како Киев и Одеса, веднаш по престанокот на огнот. Француски, британски и турски војници би учествувале во обуки и обезбедување – но, како што нагласи, „никогаш не било планирано тие да бидат на првата линија“.
Британскиот премиер Кир Стармер побара сојузниците да ги формализираат обврските кон оваа иднина сила: „Мораме да подготвиме планови и финансирање за украинската армија по војната. Само доколку Русија верува дека сериозно ќе одговориме на секое кршење, ќе имаме траен мир“.
Длабоки поделби меѓу западните сојузници
Предлогот за стационирање мултинационални трупи во Украина ги подели западните држави. Шведска, Данска и Австралија се отворени за идејата, додека Полска, Грција и Италија се остро против. На денешниот состанок учествуваа 35 земји и американскиот државен секретар Марко Рубио. На крајот, Макрон најави формирање работна група предводена од Франција и Британија, а во неа ќе бидат вклучени и САД и Турција.
Во своите изјави, Макрон и Стармер повторно повикаа на продолжување на притисокот врз Москва преку санкции и користење на замрзнатите руски средства – околу 210 милијарди евра на територијата на ЕУ – за поддршка на Украина. Тоа би било преседан, но европските лидери сè повеќе го разгледуваат како неопходен чекор.
Интензивна дипломатска треска
Средбата дојде неколку часа откако Киев соопшти дека постигнал „заедничко разбирање“ со САД за основните елементи на мировниот договор. Најчувствителните точки остануваат отворени додека не се одржи директна средба меѓу претседателите Зеленски и Трамп.
Европските држави, пак, предупредуваат дека секое прашање што допира до европските надлежности – санкциите, замрзнатите средства, континенталната безбедност – мора да биде усогласено со нив. Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека Европа сака „праведен, траен мир за Украина и гаранции за безбедноста на континентот“ и дека не може да прифати договор кој ја исклучува европската улога.
Иако Белата куќа првично се надеваше на рамковен договор до Денот на благодарноста, разговорите во Женева внесоа поголема флексибилност. За Европа, клучно останува прашањето дали идните гаранции ќе бидат доволно цврсти за да спречат нова руска агресија.
„Обединети сме во поддршката на праведен, достоинствен и траен мир за Украина“, рече Макрон, нагласувајќи дека само јасни безбедносни механизми можат да ја стабилизираат поствоената реалност.
Извор: Euronews
