Франција го казни Вашингтон: Американскиот амбасадор не се појави на повик во МНР

Франција му го ограничи директниот пристап до владините претставници на американскиот амбасадор Чарлс Кушнер, откако не се појави на разговор во Министерството за надворешни работи по спорна објава за убиство во Лион.

Дипломатска тензија меѓу Париз и Вашингтон откако американскиот амбасадор во Франција,Чарлс Кушнер, не се појавил на повик за разговор во француското Министерство за надворешни работи.

Според дипломатски извори, поради тоа му е укинато правото на директен пристап до членови на француската влада. Мерката ја побарал шефот на француската дипломатија, поради „недоразбирања околу основите што се очекуваат од еден амбасадор“.

Повик поради спорна објава

Кушнер требало да се појави во Министерството за надворешни работи поради коментари од американската администрација за убиството на 23-годишен десничарски активист во Лион.

Американската амбасада во Франција претходно сподели објава од Канцеларијата за контратероризам на САД на социјалната мрежа X, во која убиството беше опишано како доказ за „загрижувачка закана од насилство на екстремната левица“.

Француските власти, пак, истражуваат дали и во колкава мера во нападот воопшто биле вмешани екстремистички левичарски групи.

„На Франција не ѝ требаат лекции“

Жан-Ноел Баро ги отфрли тврдењата од американската страна, истакнувајќи дека „на Франција не ѝ требаат лекции“.

Иако пристапот на Кушнер до повисоки владини функционери е ограничен, тој и понатаму може да присуствува на состаноци во Министерството за надворешни работи кога е неопходна дипломатска комуникација.

Мерката не претставува формална санкција според меѓународното право и Кушнер официјално останува на функцијата амбасадор.

Овој потег се толкува како јасен дипломатски сигнал на незадоволство од Париз, во момент кога двете земји одбележуваат повеќе од 250 години сојузништво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни