Франција решена да ја признае државата Палестина: „Не смееме да им оставиме на децата од Газа наследство на насилство и омраза“

Париз е решен да продолжи со признавањето на државата Палестина, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за радио France Inter, нагласувајќи дека тоа е во интерес и на Палестинците и на Израелците.
Фото: Montecuz Foto

„Не смееме да им оставиме на децата од Газа наследство на насилство и омраза. Ова мора да престане, затоа сме решени да ја признаеме државата Палестина“, рече Баро.

Тој додаде дека активно работи во таа насока, со цел да се придонесе кон политичко решение што ќе им служи и на Палестинците и на безбедноста на Израел.

Признавањето на државата Палестина се очекува да биде официјализирано на меѓународниот самит што ќе се одржи од 17 до 20 јуни, во заедничка организација на Франција и Саудиска Арабија, со цел повторно да се даде поттик на решението со две држави.

Францускиот министер ја нарече ситуацијата во Газа „неподнослива“, укажувајќи на „слепото насилство и блокадата на хуманитарната помош од страна на израелската влада, која Газа ја претвори во складиште на души, ако не и гробишта.“

„Тоа е целосно кршење на сите правила на меѓународното право“, рече Баро. „И оди против безбедноста на Израел, на која Франција ѝ е посветена, затоа што оној што сее насилство, ќе жнее насилство.“

Тој повторно го повика Израел да дозволи „масовна и непречена“ хуманитарна помош за Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неодамна одобри ограничено количество хуманитарна помош, по повеќе од два и пол месеци целосна блокада, додека појасот Газа се соочува со катастрофална хуманитарна состојба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни