Откако доби финансирање од ЕУ, на брегот на Нормандија Франција гради фарма со најмоќните подводни турбини во светот.
Проектот за плима NH1 од Normandie Hydroliennes ќе користи четири турбини за да го претвори плимниот тек на Раз Бланшар во извор на обновлива енергија.
Тоа е еден од десетиците проекти за декарбонизација коишто добија вкупно 4,8 милијарди евра во последната рунда грантови на Фондот за иновации на ЕУ. Оваа каса за чисти технологии се полни со приходи од Системот за тргување со емисии на ЕУ (ETS), кој бара од загадувачите да платат за нивните емисии на стакленички гасови.
„Да бидеме избрани од Фондот за иновации е големо признание за нашата работа и влијанието коешто нашиот технолошки систем, иновативната турбина со хоризонтална оска Proteus AR3000, може да го има врз декарбонизацијата и енергетскиот микс“, вели Катија Готје, директор на Normandie Hydroliennes (NH).
NH1 ќе се наоѓа на 3 километри западно од брегот на Кап де ла Хаг и треба да започне со снабдување со електрична енергија до 2028 година.
Инаку, морската струја на Каналот на Раз Бланшар е една од најмоќните во светот, наведува NH. Со развоен потенцијал од околу 5 до 6 гигавати (GW), може да произведе 15 до 18 терават часови (TWh), снабдувајќи електрична енергија за 8 милиони луѓе.
Во моментов во изградба во пристанишниот град Шербур, подводните турбини ќе имаат дијаметар на роторот од 24 метри и секоја ќе биде со капацитет од 3 мегавати (MW). Оваа четворка од 12 MW ќе снабдува 34 GWh енергија годишно – доволно за да ги задоволи потребите на 15.000 локални жители. 80% од градежната вредност на проектот ќе се произведува во Франција, каде NH ветува дека ќе отвори околу 400 директни и индиректни работни места.
Готје вели дека грантот од 31,3 милиони евра ќе и овозможи на компанијата да преземе „одлучни чекори“ во реализација на проектот. „Со нетрпение очекуваме да работиме со нашите партнери за да ја направиме пилот-фармата за плимната турбина NH1 успешен референтен проект и на тој начин да придонесеме за поодржлива енергетска иднина“, додава таа.
Инсталирана на длабочина од најмалку 38 метри, NH нагласува дека нејзината пилот-фарма нема да претставува опасност за навигацијата или поморската безбедност и ќе работи со почитување на морскиот живот. Проектот се очекува да заштеди 57.878 тони еквивалент на CO2 во емисиите на стакленички гасови.
Финансирање од Фондот за иновации минатиот октомври, обезбедија вкупно 85 проекти за чиста технологија во 18 земји, во сектори кои се движат од складирање енергија до нето-нула транспорт и згради.
„Фондот уште еднаш покажува како ЕУ ЕТС е одлична алатка за намалување на емисиите и финансирање на проектите што ни се потребни за изградба на климатско неутрална и конкурентна Европа“, коментира Вопке Хоекстра, еврокомесар за клима, нето нула и чист раст.