Франција воведува воени роботи: Првите на терен веќе во 2028 година?

Француската војска сериозно инвестира во иднината на војувањето. До 2028 година планира да воведе напредни роботизирани системи на боиштето, а нивната целосна интеграција во вооружените сили се очекува до 2040 година.

Овој амбициозен план го претстави генерал Бруно Барак, одговорен за развојот на идните борбени програми, за време на неодамнешни воени тестирања на роботски системи во близина на Париз. Во симулации кои имитираа реални услови на бојното поле, беа тестирани роботи со нозе, тркала и гасеници, способни да совладаат комплексни пречки.

Задачите кои ќе ги извршуваат овие роботи вклучуваат извидување, деминирање и далечинско поправање опрема – сѐ со цел да се заштитат животите на војниците.

„Роботот треба да ја олесни борбата, а не да ја забавува,“ нагласи генерал Тони Мафеис, раководител на техничкиот оддел.

Иницијативата е дел од поширока стратегија за модернизација на француските вооружени сили започната во 2021 година, со цел подготовка за т.н. „војна со висок интензитет“. Планот предвидува и технолошки напредок, зајакнување на резервниот состав и вклучување приватни компании во извршување одредени задачи.

Сепак, по повлекувањето на француските трупи од земји како Чад и Нигер, дел од аналитичарите изразуваат загриженост дека роботите би можеле да се користат и за прикриени операции, а не само за конвенционални мисии.

Овој технолошки напредок е дел од глобалниот тренд на роботизација на армиите, за кој веќе подетално известуваа специјализирани воени портали како Defense News, истакнувајќи дека автономните системи стануваат неизбежен дел од современите конфликти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни