Поради екстремниот топлотен бран кој во последните денови ја зафати Европа, неколку нуклеарни централи во Швајцарија и Франција беа принудени да ја намалат својата работа или целосно да престанат со работа, бидејќи високите температури ја оневозможија употребата на вода од локалните реки за ладење.
Топлотниот бран значи дека водата што нуклеарните постројки ја повлекуваат за ладење веќе е премногу топла, што ја отежнува ефикасната работа на реакторите. Дополнително, постои ризик за локалниот екосистем – ако во реките се испушта вода што е уште потопла, може да предизвика сериозно нарушување на биолошката рамнотежа.
Во Швајцарија, компанијата Axpo – која управува со нуклеарната централа Beznau – во вторникот соопшти дека го исклучила еден од двата реактори, а вториот работи со ограничен капацитет.
„Поради високите температури на реката, Axpo веќе неколку дена го намалува производството на реакторите во Beznau, и во неделата го сведе на 50 проценти,“ соопшти компанијата.
Реакторите на Beznau се наоѓаат директно покрај реката Ааре, каде што температурата во последните денови достигна 25°C, што ја натера Axpo да ја ограничи работата за да избегне „дополнително загревање на веќе топлата вода“, што би го оптоварило екосистемот.
Иако Швајцарија има план целосно да се откаже од нуклеарната енергија до 2033 година, постојните централи можат да продолжат со работа се додека се сметаат за безбедни.
И Франција ги гасне реакторите поради жештините
Во понеделникот, француската енергетска компанија EDF го исклучи нуклеарниот реактор Golfech, во јужниот регион Tarn-et-Garonne, поради екстремно високите температури и стравувања дека температурата на реката може да достигне 28°C дури и без додатно загревање од реакторот.
Франција има 57 активни нуклеарни реактори во 18 електрани и обезбедува околу 65% од електричната енергија преку нуклеарна енергија, која владата ја смета за „еколошки прифатлива“.
Намалено производство и на други локации
Производството е намалено и во други централи, како што се: Blayais во западна Франција и Bugey во јужна Франција, која би можела исто така да биде исклучена
Овие централи се потпираат на вода од реките Жиронд и Рона за ладење.
Иако нуклеарното производство мораше да се ограничи поради жештините, влијанието врз енергетската мрежа на Франција останува ограничено, и покрај тоа што потрошувачката на струја се зголеми поради климатизација и ладење.
Мрежата сè уште е стабилна – но иднината е несигурна
Францускиот оператор RTE изјави за FranceInfo:
„Сите нуклеарни централи што се во функција можат да ги задоволат потребите на населението. Франција произведува повеќе електрична енергија отколку што троши, и моментално извезува струја во соседните земји.“
Сепак, експертите предупредуваат дека ваквите екстреми ќе станат сè почести, бидејќи глобалните температури продолжуваат да растат – а со тоа и пикот на побарувачка за енергија.