Француските земјоделци со трактори го блокираа Париз

Протест против договорот на ЕУ со Меркосур и владините политики кон земјоделството

Француски земјоделци денеска со трактори блокираа повеќе локации во Париз, во знак на протест против сеопфатниот трговски договор што Европска унија планира да го потпише со јужноамериканскиот трговски блок Меркосур, како и поради низа домашни проблеми со кои се соочува француското земјоделство.

Протестите ги организираше земјоделскиот синдикат Coordination Rurale, чии членови предупредуваат дека договорот за слободна трговија со Меркосур може да ја преплави Франција со евтин увоз на храна, со што сериозно би се загрозила домашната аграрна продукција. Дополнителен извор на незадоволство е и начинот на кој француската влада се справува со болестите кај добитокот.

„Се наоѓаме помеѓу огорченост и очај. Се чувствуваме напуштени – исто како и со Меркосур. Напуштени сме во корист на авиони, вселенски програми и автомобилската индустрија“, изјави за Ројтерс Стефан Пелетје, заменик-претседател на синдикатот во департманот Виен, во централна Франција.

Договорот може да помине и без Франција

Протестите се случуваат неколку дена откако Европската комисија предложи на земјоделците да им бидат ставени на располагање 45 милијарди евра од фондовите на ЕУ и прифати намалување на увозните царини за одредени ѓубрива, во обид да ги придобие земјите кои сè уште се двоумат околу поддршката за договорот со Меркосур.

Договорот веќе има силна поддршка од земји како Германија и Шпанија, а според информациите, и Италија се приклонува кон негово одобрување. Тоа ѝ обезбедува на Европската комисија доволен број гласови за усвојување на договорот – дури и без согласност на Франција.

Гласањето за договорот се очекува утре.

Блокирани приодите кон центарот на градот

Десетици трактори беа паркирани долж кејот на реката Сена, под Ајфеловата кула, и ги блокираа некои од главните приоди кон центарот на градот од обиколницата Периферик, меѓу кои и Порт д’Отјеј. И покрај строгата забрана од француската полиција, дел од демонстрантите успеале да стигнат и до централното градско подрачје.

Покрај противењето на трговскиот договор, земјоделците бараат и прекин на масовното колење крави поради појавата на високо заразната вирусна болест „квргава кожа“. Тие сметаат дека мерките се претерани и се залагаат наместо тоа за вакцинација на добитокот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни