Околу сто француски земјоделци, членови на синдикатот Confédération Paysanne и активисти од движењето „Soulèvements de la Terre“, утринава организираа протест на париската обиколница, при што со трактори го забавија и на места целосно го блокираа сообраќајот.
Протестот се одвивал кај приодот Порт де Монтреј, каде демонстрантите се движеле со минимална брзина или ги оставиле тракторите застанати на коловозот. На возилата биле истакнати транспаренти со пораки против, како што наведуваат, „економската и здравствената војна“, насочени кон владините аграрни мерки и меѓународните трговски спогодби.
Земјоделците предупредуваат дека ваквите политики ја загрозуваат одржливоста на малите и средни фарми и ја зголемуваат економската несигурност во руралните средини. Полициски екипи биле распоредени во близина за регулирање на сообраќајот, а засега не се пријавени инциденти.
