Француски филмски хит од Кан пристигнува во Скопје: „Романот за Џим“ отвора нов циклус „Кино средби“

Францускиот институт започнува месечни проекции во Кинотеката со современи француски филмови и класици, со ограничен број бесплатни билети

Францускиот институт во Скопје го започнува првото издание на месечните „Кино средби“ во Кинотека, нов циклус посветен на современи француски филмови и значајни класици од француската кинематографија.

Првата проекција ќе биде филмот „Романот за Џим“ (2024), во режија на Арно Ларје и Жан-Мари Ларје, со Карим Леклу, Летиција Дош и Сара Жиродо во главните улоги.

Филмот премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Кан 2024, а потоа беше номиниран за наградите Lumières de la presse étrangère за најдобар филм и најдобар актер. Главниот актер Карим Леклу ја доби наградата Цезар за најдобар актер за 2025 година.

„Романот за Џим“ ќе биде прикажан со превод на македонски јазик.

Од Францускиот институт информираат дека располагаат со ограничен број бесплатни билети, кои ќе се распределуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“, сè до нивното исцрпување.

Заинтересираните посетители можат да направат резервација преку следниот линк.

Со циклусот „Кино средби“, Францускиот институт најавува редовна месечна програма што ќе ѝ овозможи на публиката во Скопје континуирано да следи актуелни француски остварувања и филмски класици на големо платно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни