Франција уапси тројца лица поради сомнеж за руска шпионажа под хуманитарна маска

Француските власти приведоа членови на организацијата „SOS Донбас“, осомничени дека извршувале економска шпионажа и активности што ги загрозуваат фундаменталните интереси на државата.

Француските служби за безбедност уапсија три лица под сомнеж дека делувале во интерес на руските разузнавачки служби, прикриени зад наводна хуманитарна организација. Како што соопшти париското обвинителство, осомничените се товарат за економска шпионажа, контакти со странска разузнавачка структура и активности со цел дестабилизација на Франција. Уште едно лице е ставено под судски надзор.

Според француските медиуми, сите уапсени се поврзани со француско-руската организација „SOS Донбас“, позната по ширење проруски наративи, симболика и пропагандни пораки во јавниот простор. На чело на групата стои Анна Новикова, француско-руска државјанка и основач на организацијата, која подолго време се наоѓала под радар на француската внатрешна разузнавачка служба DGSI. Нејзиното однесување било оценето како потенцијално штетно за „фундаменталните интереси на нацијата“.

Во притвор е и Висент Перфети, државјанин на Франција, кој ја води организацијата и се појавува заедно со Новикова во видеа што повикуваат на симпатии кон Русија. На веб-страницата на групата тие промовирале постери со симболика во боите на руското знаме и пораки како „Русија не ми е непријател“ – содржини кои во контекстот на војната во Украина се оценуваат како политички наелектризирани и пропагандни.

Париското обвинителство објави дека Новикова и Перфети се соочуваат со прелиминарни обвиненија за кривична заверa, контакти со разузнавачка служба на странска држава и прибирање информации за странска разузнавачка структура – дела за кои казната може да достигне до 10 години затвор и значителни финансиски санкции. Иако обвинителството не го именува странскиот фактор, контекстот јасно упатува кон Русија.

Третиот уапсен е идентификуван како Вјачеслав П., државјанин на Русија, забележан на снимки од видеонадзор како во септември лепи проруски постери на Триумфалната порта во Париз. Постерите прикажувале советски војник со натпис „кажи му благодарам на победничкиот советски војник“. Според обвинението, Новикова била запознаена со неговите активности и не само што не ги спречила, туку и ги поддржувала.

Четвртото лице, Бернар Ф. од Париз, е ставено под судски надзор и има обврска редовно да се јавува во полициска станица.

Пропаганда под хуманитарна маска

„SOS Донбас“, именувана по окупираната украинска област Донбас, формално тврди дека има хуманитарна мисија. Но, нејзините канали редовно објавуваат проруски содржини, делови од говори на Владимир Путин и Сергеј Лавров и материјали од руски државни медиуми кои се забранети во Европската Унија.

Организацијата ја поддржува руската нарација за легитимноста на окупацијата во Донбас од 2014 година наваму, а нејзините членови најчесто се појавуваат во медиумски простори кои промовираат алтернативни, често манипулативни форми на „информациски активизам“.

Француските служби долго време предупредуваат дека Русија користи здруженија и културни центри како прикритие за операции на влијание, шпионажа и мобилизација на јавноста во европските држави.

Макрон: Русија води хибридни војни во Европа

Апсењата се случуваат во момент кога францускиот претседател Емануел Макрон повторно предупреди дека Русија спроведува „хибридни кампањи“ насочени кон европските демократии, главно преку прокси-актери, финансирање на групи и стимулирање на дестабилизациски активности.

„Русија плаќа луѓе, плаќа најмени структури, турка поединци да вршат активности што ја разнишуваат стабилноста во нашите држави,“ рече Макрон.

Тој посочи дека ваквите операции се дел од поширока стратегија за слабеење на европската поддршка за Украина, која Франција продолжува да ја снабдува со финансиска, воена и дипломатска помош.

Одбрана на обвинетите: „Ова не е шпионажа, туку лепење постери“

Адвокатот на Перфети, Давид Бокобза, ги отфрли обвиненијата како „апсурдни“ и тврдеше дека случајот е знак за „опасно лизгање кон криминализација на проруски ставови“. Но, француските служби инсистираат дека станува збор за активности поврзани со разузнавачки структури, а не за идеолошко изразување.

Судиите ќе утврдат дали активностите на групата навистина претставувале координирана операција со странска држава и дали целта била нарушување на националната безбедност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни