Француската влада под притисок: денес ново гласање за доверба

Малцинската влада на премиерот Себастијан Лекорни се соочува со уште две гласања за доверба откако буџетот за 2026 година беше протуркан без завршно парламентарно гласање.

Малцинската влада на Себастијан Лекорни денеска повторно се најде под силен парламентарен притисок, откако пратениците во Националното собрание на Франција ќе расправаат за гласање на доверба. Причина е начинот на кој владата го усвои државниот буџет за 2026 година – без конечно гласање, користејќи уставен механизам.

Расправата за доверба се очекува да започне во доцните попладневни часови и се однесува на владата од левиот центар, која формално нема стабилно парламентарно мнозинство. Иако опозицијата иницира нов обид за нејзино уривање, политичките проценки укажуваат дека пад на владата не се очекува.

Лекорни успеа да обезбеди поддршка од социјалистите преку отстапки во буџетските ставки, што значително ги намалува шансите за изгласување недоверба. Доколку владата го преживее денешното гласање, буџетот за 2026 година автоматски ќе се смета за усвоен.

Иницијативата за гласање недоверба доаѓа од две спротивставени политички страни: од една страна од десничарските националисти предводени од Марин Ле Пен, а од друга страна од левицата, зелените и комунистите. Заедничкиот мотив е незадоволството од одлуката буџетот да се протурка преку специјален уставен член, без конечна парламентарна потврда.

Ова не е прв ваков тест за владата. Во изминатите неколку недели, Лекорни и неговиот кабинет веќе преживеаја четири гласања за недоверба поврзани со различни сегменти од буџетот, што дополнително ја илустрира кревката политичка рамнотежа во парламентот.

Фактот што силно задолжената Франција конечно доаѓа до усвоен буџет по долг институционален застој се оценува како позитивен сигнал, особено за бизнис-заедницата и за партнерите во Европска Унија, меѓу кои и Германија. Усвојувањето на буџетот им носи поголема предвидливост на компаниите за инвестиции и вработување, а на јавниот сектор му овозможува повторно да планира капитални вложувања. Во поширок контекст, стабилизирањето на француските јавни финансии се гледа и како важен сигнал за економската стабилност на Унијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни