Францускиот претседател Емануел Макрон во објави дека Франција од летото 2026 ќе започне нова, целосно доброволна програма за воена служба, насочена кон младите на возраст од 18 и 19 години. Во објавата, дадена за време на говор во Варс, на Алпите, тој нагласи дека оваа иницијатива претставува „одговор на забрзаните кризи со кои се соочува Франција“ и начин државата да „биде подготвена и почитувана“.
Програмата ќе започне со 3.000 учесници во 2026 година, ќе се прошири на 10.000 до 2030, а конечната цел е опфат од 50.000 доброволци годишно до 2035. Учесниците ќе бидат избрани на т.н. „ден на мобилизација“, врз основа на нивната мотивација и потребите на француските вооружени сили.
Службата ќе трае десет месеци: еден месец основна воена обука и ракување со оружје, а потоа девет месеци вклучување во воени единици кои ќе дејствуваат исклучиво на територијата на Франција. Доброволците ќе добиваат надомест и ќе учествуваат во сите задачи, вклучувајќи ја и домашната безбедносна операција „Сентинел“, активна од 2015 година.
Со оваа одлука, Макрон фактички го става крајот на програмата „Универзална национална служба“, која требаше да биде граѓанска концепција за младински ангажман. Новата програма има значително појасен безбедносен и воено-обучувачки карактер.
Во говорот, претседателот истакна дека иницијативата не е сигнал за ескалација или подготовка за директна вооружена конфронтација. Претходно, тој јавно разјасни дека програмата „не значи испраќање млади Французи во Украина“, откако началникот на Генералштабот, генерал Фабиен Мандон, предизвика жестоки реакции со предупредувањето дека Франција мора „да се подготви за можност да ги загуби своите деца“ во контекст на руските закани и ризикот од поширок конфликт.
Новата служба се воведува во момент на силни буџетски притисоци и намалување на државниот долг. Сепак, според Макрон, „мобилизацијата“ е неопходна во средина на растечка геополитичка неизвесност, сајбер ризици и хибридни закани.
Во Европа, во моментов дванаесет држави имаат задолжителна воена служба. Макрон го наведе норвешкиот модел како пример – систем во кој околу 15% од младите служат 12 месеци, селектирани според квалификации и мотивација. Новата француска програма, иако доброволна, ќе се базира на истиот принцип: ограничен број мотивирани млади, но со висок степен на ангажман.
Со оваа иницијатива, Елисејскиот дворец ја редефинира улогата на младите во националната безбедност, отворајќи нов простор за практична обука, дисциплина и служба, без враќање кон комплетната задолжителна регрутација која би барала 600.000 до 800.000 нови регрути годишно.
