Франција ја задржа титулата најпосетена земја во светот, откако во 2025 година пречека 102 милиони туристи и постави нов национален рекорд, соопшти Министерството за економија.
Минатата година Франција регистрирала 102 милиони меѓународни туристи, кои оствариле 743 милиони ноќевања. Според официјалните податоци, 76 проценти од странските посетители дошле од Европа.
Бројот на ноќевања во хотели и други комерцијални сместувачки капацитети се зголемил за 7,5 проценти во споредба со 2024 година.
Туристичкиот бум донел рекордни приходи од 77,5 милијарди евра, што е раст од 9 проценти во однос на 2024 година и 37 проценти повеќе во споредба со 2019 година.
Во 2024 година, Летните олимписки игри во Париз придонесоа Франција да достигне 100 милиони туристички пристигнувања, а трендот продолжил и во 2025 година.
И покрај економските придобивки, зголемениот број посетители создава дополнителен притисок врз најпопуларните локации. Жителите на париската населба Монмартр минатото лето протестираа поради, како што велат, прекумерната комерцијализација и зголемениот број туристи. Базиликата „Сакре-Кер“ привлекува до 11 милиони посетители годишно, повеќе од Ајфеловата кула.
Француските власти претходно најавија потреба од подобра регулација на туристичките текови на преоптоварени локации како Мон Сен Мишел.
Иако Франција останува најпосетена земја во светот, Шпанија ѝ се доближи со 96,8 милиони странски туристи во 2025 година. Шпанија, пак, оствари поголеми приходи од туризам, во висина од 105 милијарди евра.
Франција постави цел до 2030 година да достигне 100 милијарди евра годишни приходи од туризам и да стане водечка одржлива туристичка дестинација.
Француските власти најавуваат дополнителни мерки за управување со туристичките текови, со цел да се задржи економскиот раст, а притоа да се намали притисокот врз локалните заедници и инфраструктурата.