Претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави дека неговата земја самостојно ќе го забрани пристапот до социјалните мрежи за деца под 15 години доколку наскоро не се постигне заедничко решение на ниво на Европската Унија.
Повод за ова соопштение беше вчерашниот трагичен настан во Ножан, каде што 14-годишен ученик избоде до смрт 31-годишен училишен надзорник пред основното училиште.
„Немаме повеќе време за чекање“, рече Макрон во интервју за телевизијата Франс 2, како што објави бриселскиот Политико. Тој оцени дека децата се изложени на ризици поради прекумерна употреба на социјалните мрежи и дека прецизното одредување на минималната возрасна граница би можело да придонесе за нивна заштита.
И додека Грција, со поддршка на Франција и Шпанија, веќе предводи иницијатива во ЕУ за ограничување на времето што тинејџерите го поминуваат на Интернет, Макрон не сака да чека на исходот од европските преговори и најавува домашни мерки пред да се донесе заедничка одлука.
Дополнително, претседателот најави заострување на контролата врз интернет продажбата на оружје. Како што рече, во иднина, продажбата на ножеви преку Интернет ќе биде дозволена само на возрасни, а страниците што нема да се придржуваат до оваа мерка ќе се соочат со сериозни казни.
„Петнаесетгодишниците повеќе нема да можат да нарачуваат нож преку Интернет“, рече Макрон. Неговата иницијатива веќе ја поддржа премиерот Франсоа Бајро, кој се залага за целосна забрана за продажба на какво било ладно оружје на малолетници.
Франција веќе спроведе мерки со кои се обврзуваат платформи како X, Reddit и Bluesky да воведат проверки на возраста на корисниците, третирајќи ги како страници со содржина за возрасни. На почетокот на јуни стапија во сила прописи со кои се обврзуваат порнографски страници да ја потврдат возраста на корисниците.
Како директна последица на тоа, страницата Pornhub ги прекина операциите во Франција, што доведе до нагло зголемување на употребата на VPN услуги кај корисниците кои сакаат да ги заобиколат ограничувањата за геолокација.