ФОТО: Откриен диносаурус стар 95 милиони години со необична криста

Наодите, објавени на 19 февруари во списанието Science, укажуваат дека праисториското суштество е близок сродник на Spinosaurus aegyptiacus, гигантски диносаурус што се хранел со риби и имал карактеристично „едро“ на грбот, првпат опишан од германскиот палеонтолог Ernst Stromer von Reichenbach во 1915 година


Фосилизиран череп и вилици пронајдени во Нигер припаѓале на суштество кое живеело пред околу 95 милиони години и имало голема коскена криста на врвот од главата. Наречен Spinosaurus mirabilis, ова е првиот нов вид спиносаурус идентификуван во повеќе од еден век. Откритието би можело да реши долготрајна научна расправа за начинот на лов на овие диносауруси, пишува CNN.

Ловец од плитки води

Наодите, објавени на 19 февруари во списанието Science, укажуваат дека праисториското суштество е близок сродник на Spinosaurus aegyptiacus, гигантски диносаурус што се хранел со риби и имал карактеристично „едро“ на грбот, првпат опишан од германскиот палеонтолог Ernst Stromer von Reichenbach во 1915 година. Меѓу научниците долго се дебатирало дали спиносаурусите биле морски предатори што нуркале и пливале по плен или се однесувале како чапји, демнејќи риби во плитките води покрај брегот.

Пол Серено, водечки автор на студијата и професор на Универзитетот во Чикаго, смета дека новото истражување ја потврдува втората теорија. Тој го нарекува Spinosaurus „пеколна чапја“ – полу-воден ловец со застрашувачки размери кој физички наликувал на птица од мочуриште. Според пронајдените фосили, суштеството веројатно имало долга и тесна муцка за фаќање риби, врат кој му овозможувал нагло спуштање на главата и нозе доволно долги за лов во плитка вода.

Кога истражувачите ги споредиле пропорциите на главата, вратот и задните екстремитети со возрасна сина чапја, сличностите укажале дека Spinosaurus бил прилагоден за демнење и напади врз плен покрај речни и морски брегови.

Но, „клучниот доказ“, рече Sereno, лежи во фактот дека фосилите се пронајдени длабоко во внатрешноста на континентот. Тоа сугерира дека суштеството живеело и ловело покрај речни системи, а не во море. Да се најде гигантски морски предатор среде копно, додаде тој, би било исто толку неверојатно како „да се пронајде син кит во Чикаго“.

Како и Spinosaurus aegyptiacus, и Spinosaurus mirabilis имал коскена криста на главата, но кај новооткриениот вид таа структура била значително поизразена. „Тоа е впечатлива коскена криста што штрчи од неговата глава, како ‘кокотка’ на Елвис“, сликовито опиша Стив Брусат, палеонтолог од Универзитетот во Единбург кој не учествувал во студијата.

Серено објасни дека кристата била „многу лошо оружје“. Нејзината незгодна положба, кршливост и асиметричност ја исклучуваат можноста да се користи во борба. Поверојатно е дека служела за привлекување внимание и сигнализација, можеби дури и за парење.

Токму разликата во кристите им помогнала на истражувачите да потврдат дека станува збор за посебен вид во рамки на родот Spinosaurus. Во споредба со својот попознат сродник, Spinosaurus mirabilis имал и пониско поставена вилица и заби што се преклопуваат, што, според Серено, е конфигурација идеална за фаќање лизгави риби.

„Ренесанса“ во истражувањето на диносаурусите

Студијата фрла ново светло и врз еволуцијата на спиносаурусите, која можеби се одвивала во три фази. Во периодот на јура се развила нивната черепна структура прилагодена за лов на риби. Во раната креда станале доминантни предатори околу древното море Тетис.

Непосредно пред доцната креда, кога се отворил Атлантскиот Океан, достигнале најголеми димензии и се специјализирале за заседа во плитките води на Северна Африка и Јужна Америка.

„Долго време беше мистериозен диносаурус, но со секој нов фосилен наод вистинскиот Spinosaurus полека излегува на виделина“, рече Брусат. Серено истакна дека современите алатки го забрзале истражувањето. Неговиот тим направил стотици фотографии и изработил 3D модели на S. mirabilis, што овозможило дигитална реконструкција на черепот.

Мтео Фабриi, доцент на Медицинскиот факултет на Универзитетот Џон Хопкинс кој не учествувал во истражувањето, изјави дека новиот наод претставува „ренесанса“ во проучувањето на гигантските грабливи диносауруси.

Сепак, тој напомена дека е тешко да се дефинира нов вид врз основа на фрагменти. Фрагментарната природа на фосилите „не обезбедува многу материјал за работа, оставајќи многу сомнежи во врска со вистинската анатомија на животното“.

Реплика на черепот на Spinosaurus е изложена во Детскиот музеј во Чикаго, а Серено се надева дека овие фосили ќе послужат како повик за следната генерација да се вклучи во чудото на научните откритија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни