Денешната пресуда, со која првично пресудените три и пол години затвор за возачот Менсур Пајазити беа речиси двојно намалени на две години, предизвика жестоки реакции во јавноста, како и огорченоста кај членовите на семејството на убиената девојка Теодора Ристевска. Нејзината сестра, Ева и таткото Круме денеска ја напуштија судницата револтирани, додека уште траеше рочиштето.
Главните аргументи на одбраната на Пајазити биле дека кобната ноќ било облачно, на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ немало улично осветлување, а пешачкиот премин бил лошо обележан. Судијата Ељведин Ферати за олеснителни околности при изрекувањето на пресудата ги сметал тоа што Пајазити е татко на две деца, досега неосудуван, како и тоа дека е старател на неговата сестра, која е со здравствени проблеми. Пајазити во својот завршен говор ги обвини медиумите за вршење притисок кон судската власт и се пожали дека тој бил сензационалистички наречен „убиецот на Теодора“.
Менсур Пајазити ја прегази Теодора пред три години, а првото судење започна скоро една година подоцна, по што Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, но Пајазити поднесе барање за преиспитување на пресудата пред Врховниот суд, кој одлучи да ги укине пресудите на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
Судијата Ељведин Ферати, кој денеска му досуди казна од две години затвор на возачот Менсур Пајазити, кој ја прегази и ја уби 22-годишната Теодора Ристевска на пешачки премин во Тетово, е истиот судија кој на крајот на 2023 година беше фатен дека си ги пречкртувал и поправал сопствените оценки на Правниот факултет на Државниот тетовски универзитет (ДУТ), поради тоа што му бил потребен повисок просек.