Американската вселенска агенција НАСА објави нови спектакуларни фотографии од Земјата, направени во висока резолуција од астронаутите на мисијата Artemis II.
„Добро утро, свету!“, порачаа од агенцијата, објавувајќи снимки направени од прозорецот на вселенската капсула Orion, која се движи кон Месечината.
„Ја гледаме нашата планета во целост, осветлена со спектакуларни сини и кафени бои. Зелената поларна светлина ја осветлува дури и атмосферата. Тоа сме ние, заедно, додека ги следиме нашите астронаути на пат кон Месечината“, соопштија од НАСА.
Мисијата Artemis II е прва НАСА-мисија со човечки екипаж кон Месечината по повеќе од пет децении. Заменик-помошник администраторката на НАСА, Лори Глејз, изјави дека за првпат од Apollo 17 во 1972 година, луѓе повторно ја напуштиле Земјината орбита.
Четворицата астронаути, канадскиот астронаут Џереми Хансен, командантот Рид Вајзман, пилотот Виктор Гловер и Кристина Кох, ги поминаа првите 25 часа орбитирајќи околу Земјата. Потоа следеше клучниот маневар, таканареченото транслунарно вбризгување, со кое леталото се насочува кон Месечината. Астронаутите, како што изјави Хансен, биле „залепени за прозорците“ за да го видат „феноменалниот“ поглед.
„Човештвото повторно покажа што може, а вашите надежи за иднината нè носат на ова патување околу Месечината“, изјави тој.
Администраторот на НАСА, Џеред Ајзакман, потврди дека маневарот е успешно завршен и дека екипажот официјално е на пат кон Месечината.
Леталото Orion ќе се оддалечи околу 6.400 километри зад Месечината, а потоа ќе продолжи на патека што ќе ги однесе астронаутите на околу 406.000 километри од Земјата – повеќе од досегашниот рекорд поставен од мисијата Apollo 13.
Иако оваа мисија нема да вклучува слетување, таа претставува клучен чекор кон идните мисии – враќање на човекот на Месечината и подготовка за патување до Марс. НАСА планира ново слетување на Месечината до 2028 година, пред очекуваните кинески мисии околу 2030 година.