Форумот за родова еднаквост 2025, кој се одржа во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина во Сараево ги собра креаторите на политики, претставниците на граѓанското општество и меѓународните партнери за да разговараат за клучната улога на родовата еднаквост во изградба на мирот, просперитетот и инклузијата на Западен Балкан.
Форумот беше заеднички организиран од Владата на Обединетото Кралство, Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Владата на Сојузна Република Германија, во рамки на Берлинскиот процес 2025. По успехот на првиот Форум за родова еднаквост во 2024 година, овогодишната средба е насочена кон преминување од разговори кон конкретни активности.
Во своите воведни обраќања, домаќините нагласија дека Форумот претставува чекор кон спроведување на договореното, потенцирајќи ја решеноста препораките од минатата година да се претворат во видливи резултати. Како примери за напредок беа претставени нови иницијативи за борба против родово базираното насилство на интернет преку глобални партнерства, основање на Мрежа на жени дипломати од Западен Балкан и зајакнување на институционалните механизми за родова еднаквост и заштита од дискриминација.
Форумот официјално го отвори министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, кој ги поздрави учесниците и истакна дека претставниците од регионот се собрале за да започнат дијалог за воспоставување Мрежа на жени дипломати од Западен Балкан, иницијатива на Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Со оваа иницијатива, министерствата за надворешни работи на земјите од Западен Балкан ја потврдуваат својата посветеност за унапредување на родовата еднаквост како еден од темелите на современа, ефикасна и инклузивна дипломатија. „Основaњето на Мрежата претставува потврда на значајната улога што жените ја имаат во дипломатијата, во изградбата на мирот и во јакнењето на регионалната соработка. Истовремено, тоа е и јасен израз на заедничката решеност да се обезбеди поголема застапеност на жените, како и нивна посилна лидерска улога во рамки на дипломатските служби ширум регионот“, порача министерот Конаковиќ.

Говорејќи за европската иднина на регионот, Кристине Теоцке, генерален директор за Азија, Југоисточна и Источна Европа, Блискиот Исток и Латинска Америка во Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија, нагласи дека нема вистински напредок без родова еднаквост и без слушање на женските гласови на сите нивоа на одлучување. „Ако Западен Балкан сака да се приближи кон Европската Унија, жените мора рамноправно да бидат вклучени во сите области на општеството, не како формалност, туку како потреба“, истакна Теоцке.
Во своето обраќање, баронесата Хариет Харман, специјална пратеничка на Обединетото Кралство за жени и девојки и членка на Домот на лордовите, особено ја истакна важноста на дигиталната безбедност и претстави нова иницијатива за борба против онлајн вознемирувањето преку глобални партнерства. Баронесата Харман нагласи: „Онлајн вознемирувањето не познава граници, тоа е транснационален проблем што ниту една држава не може да го реши самостојно. Денешната дискусија за онлајн вознемирувањето претставува единствена можност за воспоставување ефикасен регионален одговор.“
Форумот беше и можност да се согледаат постигнувањата од претходната година и да се договорат следните чекори. Заклучоците од денешниот собир ќе бидат претставени на претстојните министерски состаноци во рамки на Берлинскиот процес, каде земјите од Западен Балкан ќе бидат повикани да ги потврдат обврските договорени во Сараево.
Берлинскиот процес, започнат во 2014 година, е дипломатска иницијатива насочена кон зајакнување на регионалната соработка и европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Форумот за родова еднаквост, покренат во 2024 година, стана препознатлива платформа за развој на политики што ја промовираат еднаквоста, инклузијата и социјалната правда низ регионот.