Форумот на белградските гимназии основа нов просветен синдикат

Форумот на белградските гимназии соопшти дека формирал работна група која ќе се занимава со основање на нов републички синдикат на просветните работници под името Форум на училишта на Србија.

Во соопштението наведуваат дека формирањето на новиот синдикат е „одговор на долгогодишното незадоволство од работата на таканаречените репрезентативни синдикати во просветата“.

„Тие го загубија својот легитимитет и правото да нè претставуваат поради нетранспарентното работење и донесувањето низа лоши одлуки. Последната од нив се однесува на дискриминаторските одредби во новиот Посебен колективен договор за просветата, со кој се прекршени Уставот, Законот за забрана на дискриминација и Законот за работни односи“, стои во соопштението.

Форумот ги повика помалите синдикални организации и поединците кои се незадоволни од моменталната состојба во просветата да им се придружат во формирањето на новиот синдикат.

„Форумот на белградските гимназии од вас, почитувани колеги, бара мандат во наредниот период да ја постигне репрезентативноста, за да биде во позиција да преговара за ‘праведен’, а не ‘посебен’ колективен договор, кој дискриминира едни, а фаворизира други вработени во просветата“, се вели во соопштението.

Ги повикаа сите кои сакаат да учествуваат во изработката на програмските начела на новиот синдикат за основачкото собрание да се јават во Форумот на белградските гимназии и да станат дел од работната група.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни