Фон дер Лајен и аферата „Фајзергејт“: Судот вели – пораките не се неважни

Европската комисија ги прекрши правилата за транспарентност со тоа што одби да ги објави пораките разменети меѓу Урсула фон дер Лајен и шефот на Pfizer за време на преговорите за набавка на вакцини.

Судот во Луксембург го отфрли тврдењето дека пораките не се значајни, оценувајќи дека јавноста има право да знае што се случило зад затворени врати во екот на пандемијата.

Во епилогот од аферата „Фајзергејт“ Европската комисија го загуби случајот пред судот, а за одговорна е прогласена претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Судот одлучи дека Комисијата не објасни зошто смета дека пораките разменети за време на преговорите за набавка на вакцини против коронавирусот не се релевантни и информативни. Со ова беше утврдено дека Комисијата ги прекршила правилата за транспарентност бидејќи не обезбедила пристап до клучните информации кои би можеле да бидат од јавен интерес.

Урсула фон дер Лајен на удар за „Фајзергејт“

Европскиот суд на правдата одлучи дека Европската комисија згрешила кога одбила да објави СМС пораки разменети меѓу претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на Pfizer Алберт Бурла за време на пандемијата. Пораките беа разменети пред склучувањето на големиот договор за набавка на вакцини против коронавирусот.

Новинарите побараа да ги видат пораките поради нивната потенцијална важност за јавноста, но Комисијата одби, тврдејќи дека тие не содржат важни информации. Судот ја оспори таа одлука и утврди дека Комисијата не дала доволно убедливо образложение.

Оваа пресуда може да има сериозни последици за транспарентноста во ЕУ и претставува тежок удар за угледот на Урсула фон дер Лајен, особено во светло на зголемените барања за одговорност на институциите пред граѓаните.

Иако постоењето на СМС пораки меѓу Урсула фон дер Лајен и шефот на Pfizer, Алберт Бурла, беше откриено уште во 2021 година во интервју дадено од претседателот на Комисијата за Њујорк Тајмс, Комисијата подоцна тврдеше дека пораките не биле доволно значајни за да се сметаат за официјални документи.

За време на сослушувањето пред судот во Луксембург, претставниците на Комисијата тврдеа дека поради тоа пораките не биле регистрирани или достапни за јавноста. Сепак, судот го отфрли тој аргумент, посочувајќи дека институциите на ЕУ не можат едноставно да кажат дека ги немаат документите, туку мора да дадат јасни и веродостојни објаснувања кои ќе овозможат судот и јавноста да ги разберат причините поради кои документите не се достапни.

Одлуката дополнително го нарушува кредибилитетот на Комисијата и на самата Фон дер Лајен, отворајќи сериозни прашања за одговорноста и транспарентноста на највисоките европски институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни