Фон дер Лајен: Новиот буџет на ЕУ е инвестиција во иднината и силна, независна Европа

Претседателката на Европската комисија во Европскиот парламент ја претстави Повеќегодишната финансиска рамка 2028–2034, насочена кон конкурентност, кохезија и глобална стабилност.

Денешната дебата не е само за бројки и буџетски ставки, туку за иднината на Европа и за тоа кои сме и кои сакаме да бидеме во услови кога живееме во свет со многу закани и предизвици, обиди за преобликување на глобалниот поредок и секојдневни борби на нашите семејства и компании, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето во Европскиот парламент на дебатата за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година. 

„Сакаме буџет што ќе обезбеди функционирање на Европа во брзо менувачкиот свет. Буџет што е побрз и поамбициозен, поедноставен и пофлексибилен. Силен буџет за независноста на Европа“, истакна Фон дер Лајен. 

Според неа, предложената буџетска рамка е одговор на барањата за поголема амбициозност, кохерентност и флексибилност, што ќе овозможи усогласување на финансиската моќ со одговорноста и инвестиции за потребите на бизнисите, локалните самоуправи, земјоделците и истражувачите. 

„Затоа предложивме Национални и регионални партнерски планови, со што ги обединуваме средствата за кохезија, земјоделство, рурален развој, рибарство, социјална политика, миграција и други работи во еден кохерентен план. Ова ќе им овозможи на секоја земја и на секој регион да дизајнираат реформи и инвестиции како целина“, рече Фон дер Лајен. 

Според неа, на овој начин ќе се обединат ресурсите за помалку развиените региони, за земјоделците и рибарите, за справување со екстремните временски услови и другите вонредни состојби, за климатските и еколошките цели и за социјални инвестиции. 

Фон дер Лајен нагласи дека Комисијата ја слушнала загриженоста на европратениците околу спојувањето на фондовите за земјоделство и кохезија, па затоа предлага поголема улога на регионите и Европскиот парламент во управувањето со овие средства, како и нова „рурална цел“ со минимален пакет за поддршка на земјоделците и руралните области.  

Претседателката на ЕК додаде дека втор важен сегмент на предложениот буџет и создавањето на Фонд за конкурентност, кој ќе претставува моќна алатка за инвестирање во стратешките технологии што и се потребни на европската економија за во иднина и што ќе ги трансформира истражувањата и иновациите во индустриска моќ и квалитетни работни места.  

„Фондот за конкурентност ќе функционира преку единствен приод и единствен правилник за да го олесни пристапот до него за секој бизнис во секоја земја членка и секој регион. Ова е целосно нов пристап во финансирањето на нашата конкурентност, кој е посилен, поедноставен и постратешки, со цел во Европа да се создадат технологии и работни места на иднината“, додаде Фон дер Лајен. 

Според неа, трет сегмент на буџетот е зголемувањето за 75 отсто на средствата за програмата „Глобална Европа“, преку која ЕУ ќе ги задоволи растечките глобални хуманитарни потреби и ќе ги зајакнува своите партнерства со трети земји, овозможувајќи си поголема енергетска безбедност, пристап до суровини, справување со миграцијата и поголема глобална конкурентност.  

„Клучно во тоа е и да се поддржат Украина, Молдавија и Западниот Балкан на нивниот пат кон членство. Сето ова е „Глобална Европа““, истакна Фон дер Лајен. 

Таа истакна дека во денешниот свет подложен на геополитичките трансформации и на вештачката интелигенција, на Европа и е потребно стратешко планирање, но и флексибилност за да го прилагоди своето финансирање на новите реалности. Од тие причини, според Фон дер Лајен, се овој предлог-буџет се предвидува нов управувачки механизам, преку кој Парламентот и Советот заеднички ќе одлучуваат за приоритетите и буџетските потреби за годината што претстои.  

Фон дер Лајен додаде и дека, според сегашните проценки, до крајот на 2027 година речиси една четвртина од тековните буџетски средства или околу 340 милијарди евра нема да стигнат до корисниците.  

„Не можеме да си дозволиме да оставиме милијарди неискористени. Затоа мојата поента е едноставна, треба да го промениме начинот на кој трошиме и за тоа се работи во новиот предлог. Новиот буџет е можност да ја трансформираме нашата Унија на подобро и засекогаш. Можеме да ја направиме посилна и побрза, постратешка и поодговорна, понезависна и подемократска. Да го оствариме тоа заедно“, рече Фон дер Лајен. 

Данската министерка за европски прашања Мари Бјерне, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, во обраќањето на дебатата порача дека оваа финансиска рамка не го дефинира само буџетот на Унијата за следните години, туку и нејзините приоритети за наредните децении.  

„Тоа е стратешка одлука за нашата иднина, што мора да ја донесеме колективно и одговорно. Прва наша одговорност е навремено да постигнеме договор за да се овозможи спроведување на новите програми според временски утврдената рамка“, рече Бјерне. 

Според неа, непостигнувањето навремен договор за оваа рамка би било неприфатливо за европските граѓани, бизниси и регионални и локални власти. 

„На предлогот на Комисијата, како и обично, ќе треба да се направат промени и прилагодувања. Промените ќе се направат во согласност со вообичаената постапка, но статусот кво не е опција ако сакаме да се справиме со новите предизвици и приоритети“, порача Бјерне. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни