Новите предлози предвидуваат поголема улога за регионалните власти, минимално издвојување на средства за руралните подрачја и засилена контрола од страна на Европскиот парламент. Измените не ја менуваат основната структура на буџетскиот план.
Измените биле разгледани на кризен состанок меѓу трите институции – Фон дер Лајен, Роберта Мецола (претседателка на Европскиот парламент) и Мете Фредериксен, данската премиерка и актуелна претседавачка со Советот на ЕУ.
„Сега имаме јасно разбирање на предлозите и пат напред“, изјави Фон дер Лајен, нарекувајќи ја средбата „конструктивна“.
Мецола го оцени договореното како „добар чекор напред“, а Фредериксен како „плодна размена што ја потврдува заедничката амбиција“.
Буџетскиот план за периодот 2028–2034 година предвидува длабоки реформи на европскиот финансиски систем: намалување на бројот на програми и поголема флексибилност за справување со кризи. Но, токму тие реформи предизвикаа отпор во Парламентот.
Четирите најголеми центристички партии – Европската народна партија (ЕПП), Социјалистите и Демократите (С&Д), Ренју Европа и Зелените – заеднички ѝ испратија писмо на Фон дер Лајен со барање за ревидирање на предлогот, предупредувајќи дека во спротивно нема да влезат во преговори.
Спорот се однесува на Националните и регионални партнерски планови (NRPP), кои ги обединуваат средствата од Заедничката земјоделска политика (CAP) и кохезионите фондови со политики за социјална заштита, миграција и безбедност. Партиите предупредија дека овој пристап би довел до централизација на моќта и поткопување на регионалната автономија.
Фон дер Лајен првично одговорила нејасно на нивните барања, но откако Парламентот подготви резолуција за симболично отфрлање на буџетот, Комисијата реши да направи компромис.
Со измените, Фон дер Лајен ги задржува националните планови во вредност од 865 милијарди евра за седум години, но воведува „рурален таргет“ – 10% од нефинансираните средства да се насочат кон земјоделските и руралните подрачја, надвор од веќе издвоените 300 милијарди евра за земјоделството.
Регионалните власти ќе добијат поголеми овластувања во усвојувањето и спроведувањето на плановите, а Европскиот парламент ќе стане дел од нов механизам за управување, преку кој ќе учествува во поставување на буџетските приоритети за секоја година.
Според дипломатски извори во Брисел, предложените измени се сметаат за „разумни“ и се совпаѓаат со некои ставови што ги разгледуваат и земјите-членки.
„Разбирливо е Парламентот да има политички забелешки, но основата на преговорите мора да остане во рацете на државите-членки, кои го финансираат буџетот“, изјави еден висок дипломат.
Буџетот мора едногласно да го одобрат сите 27 лидери на ЕУ, најдоцна до декември 2026 година, што остава време за дополнителни усогласувања и преговори.
Извор: Euronews
