Фон дер Лајен: Време е да изградиме нова, независна Европа

Претседателката на Европската комисија од Давос порача дека геополитичките потреси се можност за трајна трансформација на ЕУ и јакнење на европската автономија.

Говорејќи на Светски економски форум во Давос, претседателката на Европска комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека актуелните геополитички потреси мора да се сфатат како можност за Европа, а не само како закана.

Таа оцени дека „сеизмичките промени“ на кои сведочи светот отвораат простор за изградба на „нов облик на европска независност“, нагласувајќи дека оваа потреба не е реакција на неодамнешни настани, туку „долгорочна структурна нужност“.

„Ако оваа промена е трајна, тогаш и Европа мора трајно да се промени“, порача фон дер Лајен.
„Време е да ја искористиме оваа можност и да изградиме нова, независна Европа.“

Таа додаде дека Европска унија се залага за „праведна трговија наместо царини, партнерство наместо изолација и одржливост наместо експлоатација“.

Солидарност со Данска и Гренланд

Фон дер Лајен истакна дека ЕУ ќе соработува „рамо до рамо“ со Данска и Гренланд, нагласувајќи дека нивниот суверенитет е „неприкосновен“.

Таа изјави дека Унијата стои во „целосна солидарност“ со Данска и Гренланд и дека ќе работи на поддршка на локалната економија и инфраструктура, како и на пошироките безбедносни прашања поврзани со Арктикот.

ЕУ, според неа, ќе соработува и со Соединети Американски Држави, како и со други партнери, на „пошироката безбедност на Арктикот“, што, како што нагласи, е „во заеднички интерес“. Во тој контекст, таа го спомена и значителното зголемување на европските одбранбени издвојувања, дел од кои би се насочиле кон арктичката безбедност.

Фон дер Лајен ја нагласи и важноста на заедничката безбедност со партнери како Канада, Норвешка и Обединето Кралство, оценувајќи дека Европа мора да се приспособи на „нова безбедносна архитектура“.

„Царините на Трамп се погрешен чекор“

Осврнувајќи се на најавите за нови американски царини, фон дер Лајен изјави дека Европа е „целосно посветена“ на безбедноста на Арктикот и дека во тој поглед ги дели целите со Вашингтон, но предупреди дека дополнителните царини што ги предлага американскиот претседател Доналд Трамп се „погрешен чекор“.

Потсетувајќи на трговскиот договор меѓу САД и ЕУ постигнат минатото лето, таа порача: „Договор е договор. Кога пријателите си подаваат рака, тоа мора нешто да значи.“

Сепак, таа нагласи дека евентуалниот европски одговор ќе биде „непоколеблив, единствен и размерен“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни