Фон дер Лајен: Албанија е на вистинскиот пат кон ЕУ

Фон дер Лајен додаде дека целта на Албанија е да ги затвори преговорите до 2027 година, што, како што рече, е амбициозно, но дека ѝ се допаѓа таа амбиција

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска од Тирана изјави дека Албанија е на вистинскиот пат кон Европската Унија.

Таа во Тирана имаше средба со албанскиот премиер Еди Рама, а по состанокот одржаа заедничка прес-конференција.

Премиерот на Албанија Еди Рама рече дека тој и претседателката Фон дер Лајен разговарале за сите теми од заеднички интерес.

„Претседателката и актуелната Комисија му придаваат посебно значење на Западен Балкан. Во овој поглед, разговаравме за напредокот на процесот на преговори на Албанија со Европската Унија, процес кој според наше мислење, но и од она што го слушнав од претседателлата, напредува многу успешно и многу брзо“, рече Рама.

Рама посочи дека разговарале и за новиот план за раст што е ставен на располагање на Западен Балкан, за зајакнување на соработката во регионот и за зајакнување на безбедноста во регионот.

„Се осврнавме и на прашањето за отпорот на Украина кон руската агресија и по ова прашање целосно се согласуваме дека мора да продолжиме безрезервно да ја поддржуваме Украина“, рече Рама.

Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, рече дека Албанија ја сака Европа.

„Мојата прва порака е сосема јасна. Албанија е на вистинскиот пат кон Европската Унија. Поминавте многу долг пат, постигнавте напредок, но сега сакам да нагласам дека ова е прекрасен напредок и рекордна брзина и вистинско забрзување во последните три години. Пет од шест групни поглавја веќе се отворени, планираме да го отвориме последното оваа есен“, рече таа.

Претседателката на ЕК, меѓу другото, рече дека целта на Албанија е да ги затвори преговорите до 2027 година, што, како што рече, е амбициозно, додавајќи дека ѝ се допаѓа амбицијата.

„Геополитичкиот момент е сега, бидејќи руската агресија против Украина го преобликуваше нашиот континент и секоја европска нација мора да го избере своето место. Албанија го направи својот избор. Вие сте целосно усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“, рече Фон дер Лајен.

Рама и фон дер Лајен ќе учествуваат и на Инвестицискиот форум на Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан.

По Албанија, претседателката на Европската комисија ќе ја посети Црна Гора, а во среда ќе допатува и во Скопје каде ќе се сретне со македонски државни претставници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни