Фон дер Лајен: Подготвени сме да одговориме на американските царини

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска во Европскиот парламент дека Европската унија има на располагање сите инструменти за да одговори на евентуалните нови царини што би ги вовела администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Европа не ја започна оваа конфронтација. Сметаме дека е погрешна. Имаме сè што е потребно за да го заштитиме нашиот народ и нашиот просперитет. Го имаме најголемиот единствен пазар во светот. Имаме преговарачка моќ. Имаме сила да одговориме на американските царини“, рече фон дер Лајен во Стразбур.

Таа нагласи дека „сите инструменти се на маса“ за евентуални контрамерки и предупреди дека царините „само ќе ја зголемат инфлацијата, што е спротивно на тоа што сакаме да го постигнеме“.

„Не сакаме по секоја цена да воведеме контрамерки, но ако биде неопходно, имаме силен план и ќе го спроведеме“, истакна фон дер Лајен за време на дебатата со европратениците за заклучоците од неодамнешниот самит на ЕУ.

Претседателот Трамп неодамна се закани со повисоки царини за Европската унија и Канада, доколку тие соработуваат во чекори што, според него, би можеле да ѝ наштетат на американската економија.

ЕУ првично најави одредени контрамерки, но нивното спроведување го одложи до средината на април. Меѓу можните мерки е воведување 50% царина на американскиот бурбон. Како одговор, Трамп се закани со 200% царина на сите вина и други алкохолни производи од ЕУ доколку Брисел ги спроведе најавените мерки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни