Над 150 домашни и странски изведувачи ќе настапат на седмото по ред издание на Cloud Festival во Тирана, Албанија. Преку спој на традиционалното и современото низ разни перформанси ќе ја доближат разноликоста на културите пред публиката. Фестивалот кој годинава се случува од четврти до 20 мај преку 16 последователни фестивалски вечери на присутните им нуди спектакл од низа уметности.
Уметничката директорка на фестивалот Едит Пула вели дека овогодинешното издание на фестивалот доаѓа со разновидна програма.
„Со претставата „Свадба без невеста“ се отвора седмото издание на Новиот фестивал во Тирана. Фестивалот не само што ги привлекува домашните туку и странските туристи. Од година во година фестивалот преминува во културно-уметничка туристичка понуда на регионот. Гостите можат да уживаат во изведби на современ танц, музика, поезија, работилници, презентации, нем филм со музичка подлога изведена во живо, карневалско дефиле, улична уметност, како и во настапите на големите ансамбли и оркестри, диџеи. За целосен пречек на сите гости се организирани и штандови со храна и пијалаци“, вели Пула.
Меѓу бројните изведувачи е и македонската група Фолтин. Нивниот настап е закажен за во четврток на 18 мај. Фановите на Фолтин како и сите присутни ќе уживаат во музиката која обично се опишува како надреална, страсна и жива, со жешка танцувачка атмосфера, која ја постигнуваат со брзите македонски ритми.
Покрај овогодинешниот настап на Cloud Festival групата Фолтин до сега учествувала на многу музички и театарски фестивали во Македонија, Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Унгарија, и неколкупати биле наградени за нивната работа.
Инаку, седмото издание на Cloud Festival е во организација на Општина Тирана, со поддршка на Министерството за култура, неколку странски амбасади и остнати поддржувачи. Сите настани се бесплатни и погодни за сите возрасни групи.