Фолтин го одбележуваат јубилејот со концерт во Филхармонија на 22 ноември

Три децении музичка авантура на Фолтин ќе бидат прославени со специјален настап во Скопје.

Групата Фолтин, едно од највпечатливите и најоригинални имиња на македонската алтернативна сцена, на 22 ноември 2025 ќе го одбележи својот голем јубилеј — 30 години постоење — со концерт во салата на Македонската филхармонија. Настанот, организиран од МГ Мјузик Продукција, претставува ретка можност публиката да го доживее препознатливиот свет на Фолтин во еден од најпрестижните концертни простори во земјата.

Основана во 1995 година во Битола, групата Фолтин разви уникатен музички израз што е тешко да се смести во една единствена категорија. Нивниот звук е препознатлив по експерименталниот пристап, флуидни жанровски премини и израз што ги спојува традиционалните елементи со современи стилови. Во раните години, Фолтин создаваат песни со фонетска имитација на медитерански јазици — стил што самите го опишуваат како „спонтан есперанто“, со силни влијанија од кабаре, театралност и уметнички перформанс.

Како група која секогаш ја бара новата звучна авантура, Фолтин подоцна воведува текстови на македонски јазик, збогатувајќи го својот звук со влијанија од алтернативниот рок, новиот бран и електронската музика. Сепак, нивниот препознатлив дух останува ист: емоционален, визуелно динамичен и енергетски неконвенционален.

Триесетгодишната кариера на Фолтин опфаќа десетина студиски албуми и впечатлив број соработки во театарот и филмот. Тие имаат потпишано музика за повеќе од триесет театарски претстави, но и за значајни македонски филмски проекти како „Плати и жени“, „Со љубов“, „Исцелител“ и интернационално наградуваниот документарец „Медена земја“. Овој богат опус ја потврдува нивната важна улога во современата македонска култура, но и способноста нивната музика да живее надвор од концертната сцена.

Актуелниот состав на Фолтин го сочинуваат: Пеце Николовски – кларинет, каос-пад, усна хармоника;Пеце Трајковски – електронски акордеон, електрична гитара; Гоце Јованоски – бас; Славчо Јовев – тапани и Бранислав Николов – вокал

Секоја нивна изведба е препознатлива по импровизација, силна сценска енергија и интеракција со публиката — особености кои и го донесоа статусот на култна група во рамките на македонската алтернативна музика.

Јубилејниот концерт во Македонската филхармонија е очекуван со голем интерес. Просторот, познат по својата врвна акустика, ќе внесе нова димензија во звукот на Фолтин, а сет-листата се очекува да биде ретроспектива која ги опфаќа најзначајните моменти од нивната три децении долга музичка приказна.

Билетите за концертот се веќе во продажба преку мрежата на Karti.com.mk, а интересот е особено голем бидејќи ова е еден од централните настани во година во која групата го прославува своето три-децениско творештво.

За љубителите на алтернативната музика, ова е можност да бидат дел од историска вечер — концерт што не само што го слави минатото на Фолтин, туку и ја зацврстува нивната специфична улога во развојот на македонската културна сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни