Фолксваген подготвува нови кратења и затворање на фабрики

Фолксваген планира нов бран мерки за штедење со цел да намали трошоци за 20% до 2028 година. Не се исклучува затворање фабрики, додека продажбата во Кина паѓа, а притисокот од САД и конкуренцијата расте.

Германскиот автомобилски гигант Volkswagen Group веќе спроведе сериозна програма за штедење, но според германските медиуми тоа не е доволно. Компанијата подготвува нов, уште поамбициозен бран кратења со цел до крајот на 2028 година да ги намали трошоците за 20 проценти на ниво на сите брендови во групацијата.

Како што пишува Manager Magazin, извршниот директор Оливер Блум и финансискиот директор Арно Антилиз поставиле цел за заштеда од околу 60 милијарди евра. Засега нема официјална потврда, но според наводите не се исклучува ниту „најцрното сценарио“ – затворање дополнителни фабрики.

Кина и САД – најголем предизвик

Продажбата во Кина, клучниот пазар за Фолксваген, продолжува да опаѓа. Во 2025 година испораките се намалиле за осум проценти, на 2,69 милиони возила. За споредба, во 2019 година групацијата продала 4,23 милиони автомобили во Кина – пад од околу 36 проценти за шест години.

Дополнителен товар претставуваат царините во САД и засилената глобална конкуренција. Во 2025 година глобалната продажба на Volkswagen Group се намалила за 0,5 проценти, на 8.983.900 возила.

Во исто време, Toyota Motor Corporation шеста година по ред останува најголем производител во светот, со 11.322.575 испорачани возила, вклучувајќи ги брендовите Lexus, Daihatsu и Hino.

Веќе најавени отпуштања

Фолксвген претходно најави укинување на 35.000 работни места во Германија до крајот на деценијата. Новите кратења би дошле покрај планот за годишни заштеди од околу 15 милијарди евра преку намалување на работната сила и укинување производствени смени.

Кон крајот на минатата година беше затворена и познатата „Стаклена фабрика“ во Дрезден – прв ваков случај во Германија по 88 години.

План за електрично закрепнување

И покрај притисоците, групацијата подготвува офанзива со поевтини електрични модели. Веќе годинава се очекува моделот ID. Polo со почетна цена од околу 25.000 евра, а за 2027 година е најавен и нов електричен автомобил од околу 20.000 евра, кој индиректно ќе го замени поранешниот e-up!.

Детални информации се очекуваат на 10 март, кога Oliver Blume ќе ги претстави годишните резултати. Останува прашањето дали новата генерација „народни“ електрични автомобили ќе успее да го ублажи финансискиот притисок врз германскиот производител.

Извор: Index.hr / Der Spiegel

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни