Факултетот за ликовни уметности – Скопје најавува предавање и специјализирана работилница што ќе се одржат во понеделник, 24 ноември, со почеток во 13:30 часот. Настанот ќе го водат проф. Фалк Хубнер и истражувачката Хелен де Хун од Fontys Academy of the Arts (Холандија) – институција препознаена по иновативните методологии во уметничкото истражување.
Работилницата е осмислена како вовед во основните принципи на уметничкото истражување и нуди можност за практична примена на првите чекори во овој процес. Таа е наменета за студенти по уметност, активни уметници, уметници-педагози и творци од различни дисциплини кои сакаат да го продлабочат своето знаење и да ја истражат улогата на уметникот како истражувач.
Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со современи пристапи што го поврзуваат творечкиот процес со истражувачки практики, да дискутираат за значењето на знаењето во уметноста, и да ја испитаат врската меѓу уметничкото дело, општествените контексти и личната практика.
Настанот ќе се одржи во библиотеката и предавалната на ФЛУ, во кампусот „Педагошка“ во населбата Карпош.
