Флорида објави дека ќе започне процес за целосно укинување на задолжителните детски вакцини – потег со кој би станала првата американска сојузна држава што ќе го укине овој клучен столб на јавното здравје. Одлуката беше најавена од државниот хирург Џозеф Ладапо, кој на прес-конференција изјави дека вакциналните мандати се „неморален“ напад врз правата на поединците и родителите да одлучуваат за здравјето на своите деца.
„Сите. Апсолутно сите“, рече Ладапо, предизвикувајќи аплауз. „Секој вакцинален мандат капе со презир и ропство“, додаде тој.
Флорида во моментот има строги барања за вакцинација за учениците во јавните училишта и децата во дневни центри, вклучувајќи вакцини за сипаници, овчи сипаници, хепатитис Б, полио и други болести. Ладапо најави дека Одделот за здравство ќе може самостојно да ги укине некои од тие правила, но за дел ќе биде потребна промена на закон преку законодавното тело на државата.
Покрај ова, беше најавено и формирање на комисијата “Florida Make America Healthy Again”, инспирирана од иницијативата на администрацијата на Доналд Трамп „Make America Healthy Again“, која ќе функционира на ниво на државата.
Контроверзниот д-р Роберт Мелоун, кој неодамна беше назначен во независната советодавна група за вакцини при Центарот за контрола на болести (CDC), на социјалната мрежа X изјави дека Ладапо е „измерен научник кој гори од желба да го промени системот на подобро“. И Мелоун и американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор се познати по својата критика на вакцините, особено за време на пандемијата на COVID-19, кога активно се спротивставуваа на рестрикции и споделуваа дезинформации за јавноздравствени мерки.
Најавата наиде на остри реакции од медицинските организации низ САД. Претседателката на Американската академија за педијатрија, Сузан Кресли, изјави: „Загрижени сме дека денешната одлука ќе ги изложи децата во јавните училишта на поголем ризик од заболувања и ќе има последици низ целата заедница.“
Американската медицинска асоцијација оцени дека планот на Флорида „ќе ги поткопа децениските успеси во јавното здравје“.
Според податоците на СЗО за 2024 година, вакцините спасиле најмалку 154 милиони животи низ светот во последните 50 години – најголем дел од нив се деца и доенчиња.
Ладапо не објави конкретен временски рок за имплементација на планот, но изјави дека ќе работи заедно со гувернерот Рон Десантис и со законодавците во државата за да се спроведе промената.
„Ги сакам нашите законодавци. Тие ќе мора да донесат одлука… Луѓето ќе мора да изберат страна. А јас ви велам уште сега – моралната страна е многу едноставна“, рече Ладапо.